Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски упати честитка по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите.
Ковачевски потенцираше дека со огромниот придонес и промовирање на принципите на толеранција, доверба и почитување, Влашката заедница активно придонесува во изградбата на државата како едно општество за сите.
– Оддаваме должна почит и огромно признание за целосната поддршка во негувањето и промовирањето на интеркултурализмот, општествената кохезија и демократските вредности во Северна Македонија, вели премиерот Ковачевски во честитката.
Упатувајќи искрени честитки до припадниците на Влашката заедница, премиерот нагласи дека оваа заедница отсекогаш претставувала нераздвоен дел од нашата заедничка борба за независност и државност и дека нејзината важност во севкупниот општествен, културен и демократски развој на државава е огромна.
– Ја имате мојата и поддршката на Владата за зачувување и промовирање на влашкиот јазик, култура и традиција. Преку нивната заштита, заеднички го штитиме не само идентитетот на Власите, туку и заедничкиот, на кој се гордееме како функционално демократско, мултикултурно и мултиетничко општество, без разлика од каде доаѓаме. Само заедно можеме да ги надминеме сите предизвици и да обезбедиме квалитетен живот во нашиот заеднички дом – Република Северна Македонија“, потенцира премиерот Ковачевски.