Вицепремиерот Бојан Маричиќ во интервју за НоваТВ одговара на нашите прашања за односите со Бугарија, за скринигот, шансите за интензивирање на преговарачкиот процес и изгледите да се достигне двотреинското мнозинство неопходно за уставните измени.
НОВА:Критики неодамна добивте и поради забраната за eверопратеникот Ковачев да влезе на територијата на РСМ. Како се справувате со ова? Кој е
вашиот одговор до Брисел по критиките од Вархеји и претседателката на ЕП?
Маричиќ: Сите потребни детали се споделени со нашите европски партнери, со кои сме во дневна комуникација. Пред неколку дена се одржа Заедничкиот парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација, на кој сите европратеници слободно допатуваа во Скопје и учествуваа на седницата во македонското Собрание.
Секој кој го почитува достоинството на нашата држава и граѓаните е добредојден во Северна Македонија, во спротивност македонските институции имаат легитимитет да реагираат кога постојат индиции на ризик по мирот и безбедноста за земјата. Ниту до сега, ниту во иднина, на оние кои го нарушува јавниот ред и мир и ги навредуваат и омаловажуваат граѓаните и државата, нема да им биде дозволен влез на територија на државата.
Одлуката беше оправдана во тој момент, „поради неисполнување на условите за влез во Република Северна Македонија, согласно законот за странци“, на лица од петчлената група државјани на Република Бугарија. Во групата со која патувал и европратеникот Андреј Ковачев, имало лица за кои во Министерството за внатрешни работи има сознанија дека претставуваат ризик по јавниот мир и безбедност. ЕвропратеникотКовачев не е меѓу нив, но надлежните служби донеле таква одлука поради групата со која патувал.
НОВА: Дали овој случај повторно ќе ја радикализира позицијата наБугарија во
однос на МК?
Маричиќ: Тоа не ни е ниту нам, ниту на Бугарија во интерес. Не очекувам натамошна радикализација, напротив, ние силно работиме да ја смириме ситуацијата и да се вратиме на комуникација во конструктивна атмосфера, без непотребни провокации. Во очекување сме на формирање на политичка влада во Бугарија со која сме спремни веднаш да го продолжиме конструктинвиот дијалог, како што го имавме во првата половина минатата година.
НОВА: Има ли нешто ново од европските престолнини во врска со интензивирање на преговарачкот процес со земјите од регионот.? Сем убави зборови засега не гледаме поконкретни чекори во ЕУ во однос на забрзување на овој процес а во контекст на вашите заложби за прием на Македонија во ЕУ до 2030?
Маричиќ: Пораките кои ги испраќаат европските високи државни претставници и претставниците на европските институции се јасни и недвосмислени, дека вратата кон ЕУ за Северна Македонија и регионот е отворена, на нас останува дали и кога ќе ги завршиме обврските кои го имаме на европскиот пат. Она што очекуваме од ЕУ е план, со временска рамка за и со извесност за проширувањето на Унијата, што ќе значи поттик за забрзување на реформскиот процес. Покажавме дека сме кредибилен партнер на ЕУ, сме подготвени да одговориме на задачите и имаме политичка волја да го завршиме овој сложен процес ефикасно и брзо, но ред е Унијата да даде временска рамка кога би се случило следното проширување и обединување на Европа со Западен Балкан. Војната во Украина и последиците од неа се силен сигнал за Европската Унија за посветување на поголемо внимание и инвестирање во геополитичките цели, во кој спаѓа и Западниот Балкан и нашата европска перспектива. Важни се и зборовите на охрабрување заради креирање на позитивна атмосфера, а и конкретните одлуки заради динамизирање на целиот процес. Проширувањето е сè повисоко на агендата на ЕУ институциите и нејзините земји членки. Ние сме во процесот на пристапни преговори веќе влезени од 19 јули минатата година, имаме важна политичка одредница пред нас, измените на Уставот, завршување на скринингот и продолжување со отворањето на Кластерот 1. Траекторијата е позната, динамиката зависи во овој момент од нас самите.
НОВА: Што се случува со скринигот? Кога ќе ги добиеме првите извештаи од Брисел?
Маричиќ: Скринингот се одвива според однапред утврден календар договорен со Европската комисија и тече непречено. Сигналите што ги добиваме од Брисел се позитивни, што значи дека нашите претставници се добро подготвени. Скринингот ќе трае до крајот на ноември, кога завршува со последниот шести кластер, а до тогаш се очекува дека веќе сите процедури во земјата околу уставните измени ќе бидат затворени. Во меѓувреме веќе работиме на подготовка на Патоказот за владеење на правото, Акцискиот план за заштита на правата на малцинствата и Патоказот за реформа на јавната администрација, како одредници за отворање на Класетрот 1, а го подготвуваме и Патоказот за функционални демократски институции. Подготовката на скрининг Извештаите е во рацете на Европската комисија и според нашите информации тие интензивно работат на истите. Според последните информации кои ги имам за Извештаите е дека се во фаза на подготовка,и за нас и за Албанија, и истите ќе бидат пратени и објавени за Кластерте 1 и 2 одеднаш. Очекува во наредниот период, не подолг од месец дена, да бидат готови, но сепак кога тоа ќе се случи ќе зависи од ЕУ, односно од тоа кога ќе дојдат на разгледување во Советот на ЕУ.
НОВА: Многупати е поставено прашањето за уставите измени. Одговорите од ваша страна се секогаш оптимистичкки, но нема никаква индиција дека нешто ќе се помрдне од нулта точка кај опозицијата за да стигнете до две третини. Што да се очекува?
Маричиќ: И сега сум оптимист дека уставните измени ќе бидат успешни и до крајот на годината ќе го отвориме Кластерот 1, „Фундаментални вредности“. И покрај бојкотот на опозицијата да учествуваат во процесот на изработка на уставните измени, верувам дека има пратеници од опозицијата кои ја разбираат важноста истите да се случат сега, а не по две-три години. Согласно уставните можности, Владата како предлагач, со соодветни акти формираше Работна група за подготовка на нацрт предлогот за измена на Уставот, во поширок состав со експерти, претставници на политички партии и претставници на Претседателот на Републиката,на МНР и СЕП. Тие се во речиси постојано заседавање, според моите информации го усогласија и усвоија Деловникот за работа, со кој е утврден нивниот мандат, опсег на работа, динамика и начин на одлучување. Исто така сум информиран дека веќе се работи и на текстот на Нацрт-Предлогот, кој штом се усогласи и усвои од страна на Работната група и ќе се достави до Владата која ќе го утврди како Предлог за измена на Уставот. Следниот чекор ќе биде негово доставување до Претседателот на Собранието, со што ќе се вклучи правната постапка во рамките на Собранието. Важно е да се обезбеди потребното мнозинство за донесување на Одлука за пристапување кон измена на Уставот, со што се активираат сите механизми на Собранието и започнува собраниската постапка. Се работи за сложен процес, кој бара високо ниво на консензус но уште поважно, бара и конструктивна атмосфера за работа во која ќе може да се соочат аргументите во корист на европската иднина на државата.
Разговараше: Борјан Јовановски
Извор Нова ТВ