На северот на Косово веќе трет ден незадоволните Срби протестираат против новите градоначалници на општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ. Протестите се проследени со насилство од страна на протестантите, а повредени се десетици припадници на Мировната мисија КФОР. Повици за деескалација на протестите доаѓаат од меѓународната заедница, како и од политичкиот врв на Косово и Србија. Повеќе за случувањата на северот на Косово, во редакцискиот избор на ЦИВИЛ Медиа од албанските медиуми во регионот.
КОСОВО
Косоварја: Трет ден протести на северот на Косово
„И денеска продолжуваат протести против албанските градоначалници на општините со мнозинско српско население Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ. Веќе во раните утрински часови започна позиционирањето на косовската полиција и КФОР во општина Зубин Поток. Ова е трет ден од протестите, кои беа проследени со тензии и насилство од страна на српските демонстранти.
Мисијата на НАТО на Косово соопшти дека има околу 25 повредени од мултинационалниот контингент при приведувањето на демонстрантите што се случи во општина Звечан. Нападнати беа и многу новинарски екипи.“, пренесува косовскиот портал Косоварја.
Зери: „Српска листа“ им се придружува на демонстрантите во Звечан
На демонстрантите кои веќе почнаа да се собираат пред општина Звечан им се придружија и членовите на „Српска листа.“, пренесува косовскиот медиум Зери.
РТВ21 -КФОР: Косово и Србија да преземат целосна одговорност за случувањата на северот
Мировната мисија КФОР преку коминике упатено до медиумите побара од Косово и Србија да преземат одговорност за ситуацијата создадена на север, повикувајќи да се спречи ескалација на ситуацијата.
„Командантот на мисијата КФОР, генерал-мајор Анџело Микеле Ристуча, лично го следи развојот на ситуацијата и ја изразува својата солидарност со војниците на НАТО кои беа повредени за време на судирите и нивните семејства: „За да се избегнат судири меѓу страните и да се минимизираат ризикот од пост-ескалација, мировниците на КФОР спречија закани по животите на косовските Срби и Албанци. „Двете страни мора да преземат целосна одговорност за она што се случи и да спречат каква било понатамошна ескалација, наместо да се кријат зад лажните наративи“, се вели во соопштението, пренесува ТВ 21.
Коха: Српските демонстранти на север имаат заеднички симболи со озлогласениот криминалец Беливук
На социјалните мрежи вчера се споделени фотографии од српски демонстранти на север, кои се споредувани со озлогласениот српски криминалец Вељко Беливук и кои носеа исти капи.
Ова не му побегнало ниту на информативниот сајт „Геопост“.
Во објава на Твитер напишаа дека српските демонстранти носеле исти капи како Беливук, споредувајќи ги фотографиите од двете страни.
Serbian demonstrators and hooligans who today attacked #NATO members and Kosovo #Police in the north of #Kosovo, wore identical caps worn by the infamous Veljko Belivuk, the leader of a criminal group who did services for the state of #Serbia, that is, for Aleksandar #Vucic pic.twitter.com/e477v0CGwv
— The Geopost (@theGeopost) May 29, 2023
„Српските демонстранти и хулигани кои денеска ги нападнаа членките на НАТО и косовската полиција во северно Косово носеа идентични капи што ги носеше озлогласениот Вељко Беливук, водачот на криминалната група која и служеше на државата Србија, т.е. за Александар Вучиќ“, се вели во објавата на Геопост.“, пренесе Коха.
Бота Сот: Градоначалниците на Зубин Поток и Звечан ниту денеска нема да одат во своите канцеларии
„Градоначалниците на Зубин Поток и Звечан денеска нема да одат во општинските објекти, односно нивните канцеларии.
Градоначалникот на Зубин Поток, Измир Зеќири се огласи по тензичната ситуација во четирите северни општини на Косово.
Зеќири рече дека поради ваквата ситуација нема да оди во канцелариите на општина Зубин Поток, додавајќи дека истото ќе го направи и градоначалникот на Звечан Илир Пеци.“, пренесе Бота Сот.
Клан Косова – Билд: Нападите на српските милитанти врз КФОР, најлоши во последните години
По ситуацијата на северот реагираше поранешниот премиер на Шведска, Карл Билд.
Тој рече дека нападите на српските милитанти врз војниците на КФОР се најлоши во последните години.
This is the worst that’s been seen in 🇽🇰 for many years. Serb militants in northern 🇽🇰 attack Nato forces and wound eleven of them. The cycle of escalation must be broken quickly! pic.twitter.com/JltZXL4k6Y
— Carl Bildt (@carlbildt) May 29, 2023
„Ова е најлошото што е забележано на Косово долги години. Српските милитанти на северот на Косово ги напаѓаат силите на НАТО и раниле десетици од нив. Циклусот на ескалација мора брзо да се запре“, напиша Билт на Твитер, пренесе Клан Косова.
Д. Тахири / Цивил Медиа