Во Црна Гора денеска се одржуваат предвремени парламентарни избори – шести од обновувањето на независноста на земјата на референдум во 2006 година.
Избирачките места се отворени утрово во седум часот, а ќе бидат затворени во 20 часот.
Граѓаните избираат свои претставници во Собранието од 15 изборни листи, а право на глас имаат 542.468 граѓани.
Проекции на изборните резултати од невладините организации кои ги набљудуваат изборите се најавени за 21 часот.
Како што јавуваат агенциите, денешното очекување на јавноста, по три години политичка нестабилност и пад на две влади кои ја загубија довербата во Собранието, е стабилна влада која би ја предводела Црна Гора во следните четири години, ќе го „одмрзне“ процесот на интеграција во ЕУ и ќе го забрза патот кон членство во Унијата.
Фаворит на изборите е популарното, вонпарламентарно движење Европа сега, предводено од поранешниот министер за финансии Милојко Спајиќ.
Кандидатот на тоа движење Јаков Милатовиќ на претседателските избори во април убедливо го победи актуелниот претседател на државата и лидер на Демократската партија на социјалистите (ДПС), Мило Ѓукановиќ.
Граѓанското движење УРА, премиерот во техничкиот мандат Дритан Абазовиќ, настапува заедно со демократите на поранешниот претседател на Парламентот на Црна Гора, Алексе Бечиќ, во коалицијата „Храбро се брои“.
Коалицијата околу Демократската партија на социјалистите (ДПС), поранешниот лидер на таа партија, Мило Ѓукановиќ, ја предводи вршителот на должноста претседател на таа партија Данијел Живковиќ.
Во предизборниот сојуз се Социјалдемократите (СД), Демократската унија на Албанците (ДУА) и Либералната партија (ЛП), поранешни коалициски партнери на ДПС.
Социјалдемократската партија (СДП) настапува независно со листата „СДП-За нашата куќа“ и ја предводи градоначалникот на Цетиње, Никола Ѓурашковиќ.
Членките на неодамнешниот Демократски фронт (ДФ) одлучија да настапат одвоено, бидејќи тој просрпски сојуз беше распуштен пред парламентарните избори.
Новата српска демократија (НОВА) на Андрија Мандиќ и Демократската народна партија (ДНП) на Милан Кнежевиќ настапуваат заедно во коалицијата „За иднината на Црна Гора“. Предизборната коалиција ја предводи Кнежевиќ, а во сојузот е и Работничката партија.
Нивниот неодамнешен сојузник „Движење за промена“ на Небојша Медојевиќ настапува самостојно.
Партиите на малцинствата главно се одлучија за самостоен настап.
Бошњачката партија (БС) со листа „Јасно е!“ ја предводи шефот на таа партија и вицепремиер Ервин Ибрахимовиќ, а Хрватската граѓанска иницијатива (ХГИ) ја предводи претседателот на партијата, Адријан Вуксановиќ.
Албанските партии, освен ДУА, која е во коалиција со ДПС, учествуваат во две коалиции „БЕСА-за европски развој“ и „Албанска алијанса“.
За мандати во новото свикување на Собранието се бори и коалицијата на Социјалистичката народна партија (СНП) на вицепремиерот Владимир Јоковиќ и Демос на Миодраг Лекиќ, листата „Правда за сите“.
На изборите има неколку нови партии и коалиции, како листата на поранешниот министер за правда Владимир Лепосавиќ, сојузот „Народна коалиција – сложно и точка“ предводена од поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност Дејан Вукшиќ, листата „Преокрет – за безбедна Црна Гора“ на поранешниот пратеник Срѓан Периќ и коалицијата „Да. Ние можеме за граѓанска Црна Гора“.
Парламентарните избори што се одржуваат денеска се дванаесетти од воведувањето на повеќепартискиот систем во Црна Гора, а шести по обновувањето на независноста.
Извор: МИА