Речиси две третини од граѓаните на земјaва позитивно ја оценуваат иницијативата „Отворен Балкан“, покажа последната анкета на Институтот за политички истражувања Скопје. Преку 63 отсто од населението смета дека иницијативата за засилување на регионалната соработка и економската интеграција меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија е добра.
Негативно на ваквите процеси гледаат само 15,9 отсто од испитаниците, што е драстично поголема разлика отколку одговорите на анкетата од истиот институт направена во 2020 година, кога само 42,4 отсто од граѓаните биле позитивни за „Отворен Балкан“, а речиси 40 отсто гледале негативно.
Истата анкета открива дека граѓаните сметаат дека со Србија, која заедно со Северна Македонија е иницијатор на „Отворен Балкан“ е државата со која имаме најдобри односи. Повеќе од 56 отсто од испитаниците својот одговор го дале за Србија, а потоа следува Албанија, другиот партнер во иницијативата „Отворен Балкан“ со 11,3 отсто.
Од друга страна, како држава со која имаме најлоши односи, граѓаните со огромно мнозинство од 64,6 отсто ја истакнале Бугарија, која го блокираше евроинтеграцискиот пат на државава.