Во рамки на Преспа форумот за дијалог во Струга, министерот за надворешни работи, Бујар Османи ја отвори панел дискусијата насловена „Дали француско-германската иницијатива за реформа на ЕУ го означува враќањето на локомотивата во погон?“.
Министерот Османи потсети дека руската воена агресија против Украина и драматично променетата геополитичка ситуација ја нагласија потребата да се зајакне капацитетот на ЕУ да дејствува, да ги зачува нејзините основни вредности и да ја зајакне нејзината отпорност.
Во периодот што следи, според Османи, ќе биде многу важно да се избегне стратешка нејасност околу нашата перспектива за членство во ЕУ.
„Во врска со прашањето за обезбедување иновативни начини како да се заживее и внесе повеќе кредибилитет во процесот на пристапување во ЕУ, заедно со нашите колеги од Б6, но исто така и преку вредниот придонес од нашите тинк-тенкови веќе обезбедивме многу предлози за вбризгување на нова содржина во однос на можностите што ги дава новата методологија. Ја нарековме – повеќе интеграција пред членството, која ќе биде повидлива и поопиплива за нашите граѓани и оттаму охрабрува најавата за новиот Развоен план од страна на Претседателката на Европската комисија Вон дер Лајен кој до есен ќе операционализира дел од овие можности, рече Османи.
Кои би биле следните чекори? Дали француско-германскиот мотор може да ја води Европа низ денешните и утрешните предизвици? На овие прашања дискутираа: Ларс Вахлунд, амбасадор во Министерството за надворешни работи на Шведска, Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика Скопје, Мартон Шоберл, директор на унгарскиот Институт за надворешни работи, Лукаш Мачек, парискиот Институт Жак Делор, Вутер Цверс, Институтот Клингендел од Хаг и Срѓан Мајсторовиќ, Центар за европски политики од Белград.