Најмалку 42 лица загинаа, од кои 38 ученици, а уште осум се тешко повредени, во напад на средно училиште во западна Уганда, за кој постои сомнеж дека го извршиле бунтовниците, соопштија денеска полицијата и локалните власти.
Претставник на провинциската влада изјави за германската новинска агенција ДПА дека биле киднапирани и 15 деца.
Меѓу жртвите се ученици, еден чувар и двајца членови на локалната власт кои беа убиени надвор од училиштето, изјави градоначалникот на Мпондве-Лубириха, Селевест Мапозе за Асошиејтед прес.
Мапозе вели дека некои од учениците претрпеле смртоносни изгореници кога бунтовниците го запалиле училишниот дом, а други биле застрелани или убиен со мачети, објавија американски медиуми.
Сојузничките демократски сили (ADF), паравоена група поврзана со терористичката Исламска држава, се обвинети за нападот во градот Мпондве, во близина на границата со Демократска Република Конго.
Армијата на Уганда соопшти дека ги бара милитантите и дека ќе возврати. АДФ и другите конгоански паравоени сили со години вршат напади во пограничниот регион на двете источноафрикански земји.
Сојузничките демократски сили тврдат дека се борат за правата на муслиманите, кои владата во Уганда се повеќе ги турка кон маргините на општеството.
Целта на групата е да ја собори Владата во главниот град на Уганда, Кампала. Сепак, жртвите на нивните напади се главно цивили. Најлошиот напад на групата беше извршен на универзитет во 1998 година, кога беа убиени 80 студенти.
Г. Т.