„Посетата на претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски на Германија, донесе дополнителни придобивки за државата и нашата европска иднина. Директно од канцеларот Олаф Шолц добивме јасни и цврсти гаранции дека нови услови, нови пречки на европскиот пат нема да има“, изјави денеска на прес-конференција на Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
„Дополнително, тој јасно ја нагласи големата почит за македонскиот идентитет, јазик и историја и за огромните напори што Северна Македонија ги вложува во реформи на патот кон ЕУ.
Сето ова доаѓа по усвојувањето на Резолуцијата во германскиот Бундестаг со која се потврдува и дополнително афирмира македонскиот како рамноправен со сите останати јазици на Европската Унија.
Ова е уште една потврда за државничките политики на СДСМ и парламентарното мнозинство.
Пред сите нас сега е важен период во кој треба да влеземе одговорно и заеднички низ дијалог да го заокружиме процесот на уставните реформи.
Сите политички субјекти, вклучително и ДПМНЕ треба во прв план да ги стават државните и националните интереси и заеднички низ консензус да ја обезбедиме европската иднина.
Полноправното членство во ЕУ не е определба само на една или две партии, тоа е стратешка цел поставена уште од денот на осамостојувањето.
На тој пат кон полноправно членство не сме сами, туку ја имаме безрезервната поддршка на САД и нашите европски сојузници меѓу кои и Германија“, порача Каевски.