ЈП Комунална хигиена-Скопје, минатиот месец отстрани вкупно 1600 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје.
Од ЈПКХС информираат дека, и покрај основната дејност на претпријатието е собирањето и транспортот на комуналниот отпад од домаќинствата и правните субјекти, нивните екипи секојдневно се максимално ангажирани за извршување вонредни активности како што е расчистувањето диви депонии коишто настануваат како резултат на непрописно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини.
Претпријатието апелира до граѓаните својот отпад да го одлагаат исклучиво во наменски поставените садови – контејнери, канти или корпи за отпадоци. Воедно, неопходна е поголема ангажираност на соодветните институции задолжени за санкционирање на прекршителите на Законот за јавна чистота, бидејќи ЈП Комунална хигиена-Скопје нема надлежност да изрекува санкции за непрописно одлагање отпад.
Екипите во текот на изминатиов викенд беа ангажирани и за санирање на последиците од невремето што го зафати градот Скопје, при што се вршеше подигнување на паднатите дрвја, отстранување на лисјата, како и рачно и машинско метење на поголемите улици и булевари во градот. Исто така, беа реализирани и две интервенции за расчистување сообраќајни површини по сообраќајните незгоди што викендов се случија во општините Аеродром и Ѓорче Петров.