Граѓаните на Штип се оптимисти дека нашата држава ќе стане дел од европското семејство, бидејќи сметаат дека со влезот во ЕУ ќе завладее правото, еднаквоста, недискриминацијата, почитување на човековите права и слободи, пристап до квалитетни и ефикасни здравствени услуги, поквалитетно образование, подобар животен стандард и поголема економска сигурност.
„Добро е Македонија да влезе во ЕУ не само затоа што тоа е последниот дел од еден процес на прилагодување на државата, на системот кај нас, во функционален систем кој носи подобар живот на граѓаните“, вели еден граѓанин на Штип на прашањето – Зошто е добро Македонија да влезе во ЕУ?
Поголемиот дел од анкетираните штипјан(к)и велат дека со влегувањето во ЕУ нашата држава ќе има успех во сите области.
„Треба што побрзо да влеземе во ЕУ, бидејќи ќе имеме сè“, вели друг штипјанец.
„Со влегување во Европската унија, Македонија ќе има пристап до еден голем пазар во економска смисла. Владееењето на правото е проблем кај нас, но во ЕУ тоа е на едно повисоко ниво и ќе биде добар показател каде што нашите државни институции, правници и судии, односно сите кои се занимаваат со круцијалните и клучни суштини околу државата и раководење и управување дека ќе треба да учат и ќе има од кого да учат“, вели еден граѓанин.
Драган Мишев / Ј. Ј.
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети
Извор: Цивил Медиа