Министерот за финансии Фатмир Бесими во видео интервју за МИА вели дека според климата и интензитетот на разговори со синдикатите, се блиску до постигнување на договор.
– Мислам дека има солидна клима, меѓусебна доверба, волја за решение. Треба уште некои финеси да ги дефинираме и доколку сме со овој интензитет, прашање на денови е кога би го заокружиле прашањето со синдикатите во интерес на сите граѓани, истакнува Бесими, додавајќи дека е рационален оптимист.
Бесими посочува дека е прифатливо коефициентот да се воведе како нов модел и дека неговото врзување со просечната бруто плата, доколку се согласат со синдикатите, би се реализирано од март 2025 година. Дотогаш ќе има транзициски период во кој ќе растат платите, но со која динамика ќе биде тоа, ќе треба да се договорат заедно со синдикатите.
По последниот состанок меѓу синдикатите и Владата што се одржа во средата во Министерството за финансии, синдикатите излегоа со оптимистички изјави дека има напредок и дека ставовите на двете страни се приближуваат. И министерот за финансии е задоволен од текот на преговорите.
– Не можам да одам во детали затоа што сеуште не се завршени преговорите, но можам да изразам задоволство од самиот процес дека сме ги доближиле ставовите. За мене поголем успех е самиот факт дека процесот е придонес кон зајакнување на меѓусебната доверба на сите страни, вели Бесими во интервјуто за МИА снимено во четвртокот.
Преговорите со синдикатите продолжуваат во понеделник, а во зависност од договорот што ќе се постигне, ќе се види дали од септември ќе има потреба за ребаланс на Буџетот.
Засега, како што тврди министерот за финансии, реализацијата на Буџетот оди според планираното. Заклучно со јуни, реализацијата на приходната страна е 48,5 проценти, а на расходна страна околу 49 проценти.
– Тоа што е добро е што и на расходната страна за 46 проценти имаме реализација на капиталните расходи што вообичаено во првата половина од годината историски гледано сме немале толку висока реализација и мислам дека тоа ќе се одрази и врз динамиката на раст, вели Бесими.
Интервјуто заедно со видео материјалот го пренесуваме во целост:
Ја промовиравте граѓанската обврзница како нов финансиски инструмент. Аукцијата е закажана за следната недела. Каков интерес очекувате?
– Овие денови веќе го гледаме интересот и до крајот на неделата се очекува да се надмине 50 проценти од она што е објавено, односно отприлика 10 милиони евра или 615 милиони денари. Тоа, нас не радува и е во рамки на очекувањата. Очекувам интерес. Она што е важно е дека овој инструмент ќе биде достапен за граѓаните не само сега, туку и во иднина, но сега е важно оние што сакаат да ја искористат приликата, сега е поволна можност со овој инструмент на пазарот со многу поволности за граѓаните во време на ценовна криза. Интересот веќе се покажува дека е во рамки на очекувањата и ќе биде успешна аукцијата.
Тоа значи дека ќе има и други емисии?
– Да, секако, тоа е најавено. Она што се очекува следната недела е првата емисија и нудиме поволни услови – пет проценти камата, рокот на доспевање на обврзницата е две години. Тоа значи дека граѓаните што ќе се одлучат да вложат во оваа обврзница, имаат неколку бенефиции. Прво, ова е безризична инвестиција. Второ, граѓаните ќе добијат поповолни приноси односно пет проценти камата во однос на влогот. Една обврзница што ќе се издава на аукција е 10.000 денари и доколку некој се реши да инвестира околу 100 илјади денари на 20 јули следната година ќе има пет илјади денари принос од камата. Наредната година уште пет илјади денари што значи вкупно 10.000 денари камата за 100.000 денари.
Всушност, ова е една можност за граѓаните да го прошират своето портфолио доколку се одлучат средствата што ги имаат во банка да ги инвестираат, но дополнително доколку средствата што ги имаат во готовина како заштеда надвор од банкарскиот систем, ние ги охрабруваме преку постојните системи и норми за влог на готовина како и секој друг инструмент од банкарскиот систем, така и тука да го направат затоа што во време кога цените растат парите губат вредност. Ова е начин да заштедат, а од друга страна се намалува и сивата економија. Затоа го нудиме како ваков инструмент кој е прв во нашата историја на финансии и општо во развојот на финансискиот пазар кај нас. Тоа е инструмент кој го имавме најавено уште во Стратегијата за развој на финансиските пазари, но и во самиот Буџет што беше предложен во Собранието дека во текот на годината ќе издаваме ваква обврзница.
Средствата што ќе се добиваат од каматите, ќе се одданочуваат?
– Сега не се одданочуваат согласно нашите закони. Дополнително, овие инструменти граѓаните ќе може да ги користат и да ги препродаваат во иднина. Доколку на пример купат обврзница која има рок на доспеаност за две години, тие 100.000 денари што ги споменав како пример ако во текот на тие две години сакаат да ги користат за нешто друго, ќе можат слободно да ги продаваат истите. Тука е важно што ќе се развие секундарниот пазар и цената на продавање ќе зависи од пазарот. Исто така ова се хартии од вредност кои се безризични кои граѓаните ќе може да ги вложат како колатерал во банка или за нешто друго да ги искористат. Така што има неколку поволности за граѓаните.
Постапката е многу транспарентна. Сите знаат дека каматата е пет проценти и тоа важи за сите. Количините не се ограничени. Кој колку ќе сака да вложи, ќе може да го стори тоа. Постапката е и едноставна. Се оди во банка и се дава налог за вложување во граѓанска обврница. Тоа може да се стори во било која банка и на денот кога ќе се реализира аукцијата, банките кон Министерството за финансии ги доставуваат сите налози и во Народната банка се реализира аукцијата. Завршува аукцијата и во рок од 13 до 20 јули се прави порамнувањето и се евидентираат сите обврзници кај имателите. Тоа се евидентира во регистарот на хартии од вредност тТака што секој во секој момент ќе може да ја провери својата состојба. Се работи за транспарентна, едноставна и поволна безризична финансиска инвестиција која нуди низа други поволности.
Вие ќе купите граѓанска обврзница?
– Да, планирам една секако. Мислам дека тоа ќе биде јасна порака дека верувам во тоа што го правиме. Ако нешто нудиме на другите, треба да кажеме дека и ние веруваме во тоа. Во постапка сме со Државната комисија за хартии од вредност и писмено се имаме обратено со цел да се разјасниме дали има конфликт на интереси. Лично од економски аспектт мислам дека не би требало да има конфликт на интереси од неколку причини – постапката е транспарентна, се врши на јавна аукција, второ – инструментот се нуди под исти услови за сите граѓани и количините не се ограничени. По дефиниција според законот конфликт на интереси има доколку се користи одредена јавна функција за лична корист. Во конкретниот случај нема да има никаква поповолна позиција или корист на издавачот. Исто како некој што произведува производ на пазарот, кој како што го продава на другите, го користи и за себе. Но, сепак тоа е ингеренција на Државната комисија за хартии од вредност и очекуваме официјален одговор од нив бидејќи прашањето не е само за финансии, туку и за сите именувани и избрани функционери. Да имаме официјално писмо и да нема дилеми по однос на ова прашање иако економската логика кажува дека ако инструментот е транспарентен, достапен за сите и под еднакви услови, нема ограничување во пристапот.
Со ова размислување сум со намера да купувам симболично една обврзница и тоа ќе го објавам дента кога ќе го сторам тоа.
Уште една актуелна тема која не е завршена се преговорите со синдикатите за зголемување на платите и за новата методологија за плати во јавниот сектор. По последниот состанок со Вас во Министерството за финансии, синдикатите излегоа со пооптимистични изјави дека ставовите се доближени и се очекува решение. Во понеделник е закажана нова средба. Има ли сериозни приближувања на ставовите и кога може да се очекува зголемување на платите во јавниот сектор? Дали тоа би се случило од септември?
– Економско-социјалниот дијалог е исклучително важен и здрав процес во земјата затоа што таму се споени претставници од различни области. Она што е клучно и што мислам дека сме го постигнале во овој период на преговори е градењето на доверба. Мислам дека сме постигнале едно солидно ниво на доверба меѓу различните страни и доверба дека се стремиме кон една заедничка цел.
Во конкретниот случај, целта е да имаме администрација којашто го штити својот интегритет и статус и го подобрува квалитетот на јавните услуги. Тоа е заедничка цел на сите страни. Одевме кон решенија кои можат да не доближат до остварување на оваа цел. Не можам да одам во детали затоа што сеуште не се завршени преговорите, но можам да го изразам истото задоволство од самиот процес дека сме ги доближиле ставовите, но за мене поголем успех е самиот факт дека процесот е придонес кон зајакнување на меѓусебната доверба на сите страни.
Барањата на синдикатите беа да се користи модел на коефициенти со просечната плата. Бевме отворени и флексибилни уште од почетокот да го прифаќаме тоа што беше предлог на синдикатите. Тоа што во оваа фаза беше комуницирано и од нивна страна, мислам дека е дефинирано е коефициентот да се воведе како нов модел и секако размислувањата за механизмот кој ќе ја дефинира динамиката на платите да биде поврзана со просечната бруто плата. Со ова се создава солидна платформа во иднина економско-социјалниот дијалог да биде уште поквалитетен, потранспарентен и ќе имаме системско решение.
Ние сега правиме трансформација на системот како што правевме претходните две години кога воведовме системско решение за пензионерите и тие сега имаат контиуниран раст на пензиите во услови на пораст на цените. Слично е и со минималната плата каде воведовме механизам. И таму немаме како порано колку ќе биде минималната плата. Сега и ова прашање ќе го решиме системски со платформата и потоа сите во секоја област, гранковите синдикати ќе ги продолжат разговорите според спефициките.
Оптимист сте дека ќе се најде решение следната недела?
– Според климата и интензитетот на разговорите мислам дека сме многу блиску. Сакам да бидам и повторувам дека сум рационален омптимист во смисла дека оптимизмот те става во конфорна зона и сметате дека не треба ништо да се ангажирате и дека работите ќе се решат сами по себе. Рационалниот оптимизам е дека треба тоа што го имаме како оптимистичко очекување, да вложиме напори да го постигнеме. Мислам дека има солидна клима, има меѓусебна доверба, волја за решение, треба уште некои финеси да ги дефинираме и доколку сме со овој интензитет, прашање на денови е кога би го заокружиле ова со синдикатите во интерес на сите граѓани.
Како ова ќе го решите со специфичните институции како што е МИА?
– Она што е важно и што ќе важи и за вас и за сите други е тоа што ќе се постигне со Општиот колективен договор и со измените на законот. Моделот на коефициент на плата и врзувањето со просечната плата ќе важи и за вас и за сите во јавниот сектор. Тој модел би требало доколку се согласиме да стапи на сила од март 2025 година. Значи сега ќе се воведе измената, но пресметките за тоа ќе бидат во март, а во меѓувреме ќе има транзициски период за оваа година до март 2025 како ќе оди динамиката на порастот на платите. Значи ќе има раст сега откако ќе се договориме. Ќе видиме кога тоа би се реализирало 2023-24 како транзицијата ќе тече. Одговорот е дека тоа, тој коефициент ќе важи и за вас. Потоа во зависност од институциите внатре, дали се медиуми, агенции, министерства, здравство.. ќе имаат свои коефициенти по области. Во зависност од спецификите и приоритетите, така ќе се утврдува. Генерално, тоа што ќе важи во ОКД, ќе важи и за вас, таа динамика што ќе ја договориме ќе важи и за вас и за сите институции во јавниот сектор.
Едно од барањата на синдикатите беше платите на функционерите да се вратат како пред одлуката на Уставниот суд. Ваш став?
– Нашиот став сме го кажале на седница на Влада, официјално. Како Влада се изразивме негативно и рековме дека не треба да се укине тој член што ги имаше замзнато платите, но како што знаете одлука на Уставен суд не коментираме. Нашиот став е кажан официјално и како Влада и како Министерство.
И оценката на ММФ беше дека има простор за зголемување на платите во јавниот сектор затоа што растот на цените ја намалува куповната моќ на домаќинствата. Има ли пари во Буџетот за оваа намена?
– Веќе во Буџетот имавме предвидени средства во однос на тоа што го ставивме во законот уште минатата година, а некои институции потпишаа и усогласија нови колективни договори каде што во постојниот модел се воведува основа на плата, а тоа е минималната плата и на тоа се додава бодот. Така што за тоа што го има во законот и за тоа што требаше усогласување со минималната плата во институциите, тоа е предвидено во буџетот и затоа тоа се споменува и од страна на ММФ и некаде на вкупната сума не потсетува дека може тој износ да биде некаде 10 проценти споредбено со минатата година. Во зависност од тоа што ќе го постигнеме со синдикатите ќе видиме понатаму, мислам од септември, дали ќе има потреба за ребаланс. Тоа ќе го знаеме отпосле откако ќе го заокружиме овој дијалог, а веројатно и од енергетската криза и други работи како ќе се движат. Сега инфлацијата постојано се намалува од пикот кога беше 19,8 проценти во октомври минатата година, постојано се намалува секој месец и очекуваме тоа брзо да биде под двоцифрена инфлација. Мислам дека се прават максимални напори од страна на сите институции и од страна на економските ресори во Владата за да ја надминеме оваа состојба во однос на цените што е надворешен шок во економијата, но сепак е тема со која се соочуваме секојдневно и платите како барање произлегуваат како резултат на тоа дека со зголемувањето на цените, стандардот се одразува и кај јавниот сектор и кај сите други.
Во каква кондиција е Буџетот? Споменавте дека во зависност од преговорите можен е ребаланс?
– Засега реализацијата на Буџетот оди според планот. Заклучно со шести месец реализацијата на приходната страна е 48,5 проценти, а на расходна страна е околу 49 проценти. Тоа што е добро е што и на расходната страна за 46 проценти имаме реализација на капиталните расходи што вообичаено во првата половина од годината историски гледано сме немале во првата половина на годината толку висока реализација и мислам дека тоа ќе се одрази и врз динамиката на раст. Инаку, засега сите механизми за финансирање на буџетските активности се на ниво на планираното.
Стопанската комора излезе со низа барања. Се пожали на сивата економија. Има ли Министерството за финансии механизми бидејќи само се зборува сива економија, а во пракса не се гледа ништо?
– Имаме неколку механизми. Една е обврзницата – повлекување на готовината , тие средства ќе влезат во банкарскиот систем. Имаме цела стратегија. Следното е тоа што од јануари следната година планираме да воведеме е-фактура. Потоа проектот „Мој ДДВ“.
Имаа забелешка и дека фискални сметки не се издаваат во трговијата.
– Не знам за тоа, но ако постои такво нешто, тогаш тоа е работа за инспекторите. Но, и на тие на кои им се нуди такво нешто, имаат граѓанска одговорност, тоа да го пријават. Доколку некоја услуга добивам со фискална не значи дека со тоа сам плаќам цена и давачка туку тоа е гаранција бидејќи без фискална сметка никому не може да му се обратите како потрошувач. Така што ова е цел комплекс на прашања за кои ние се залагаме за намалување на сивата економија. Тоа е реално отворено прашање кое го адресираме и е прашање кое ако зборуваме за редослед на прашања дали прво намалување на сивата економија или зголемување на давачките, одговорот е прво да ја намалиме сивата економија, а потоа зголемување на давачките кон државата затоа што сивата економија не само што има помалку приноси во буџетот, туку создава и нерамноправна позиција на пазарот. Така што ова е прашање што треба постојано да се работи, но не е и прашање кое некоја земја во светот го има сведено на нула. Битката е да се минимизираат сите опции за сивата економија да биде конфорна. Таа мора да биде намалена и има резултати во тој дел кои ги гледаме наназад. Има подобрување.
Од компаните побараа да се објавува и бела листа на плаќачи на данок?
Тоа сме го зборувале и јавно сум им кажал и на коморите. Тука мислам дека за тоа ќе треба и изјава од самите даночни обврзници кои ќе бидат на таа бела листа затоа што сепак тоа е личен податок. Тука сме целосно расположени и ако компаниите го бараат тоа, јас сум за тоа. Така ќе се подобри свеста не само на граѓаните, туку и на компаниите дека плаќањето на данок е нешто со што би требало секој да се гордее затоа што ако плаќаш поголем данок тоа значи дека си бил успешен, си успеал да заработиш во оваа земја и си успеал да креираш нови работни места, си инвестирал или си освоил нови пазари. Сите три работи се афирмативни.
Извор: МИА