Вечерва стана јасно кој ги организира и кој стои во блокадата за нерасчистувањето во Скопје. Тоа го прави лично Мицкоски со неговите градоначалници, соопшти градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска во своето обраќање до јавноста по повод проблемите во ЈП Комунална Хигиена и сметот во кој се давеше викендов главниот град.
„Сакам да му порачам на Христијан Мицкоски дека е разобличен вечерва зашто за ефтини поени сака да креира проблеми кај граѓаните, а потоа да се претставува дека ги решава тие проблеми. Таквите политичари се најголемото ѓубре кое го видело овој град и ние вечерва ќе почнеме, со чистењето на ѓубрето, да ги чистиме и нив“, истакна таа.
Арсовска покажа и список на кој според неа се гледа дека дури 40 лица од едно исто семејство биле вработени во ЈП Комунална Хигиена и земале со години плата од претпријатието.