Американскиот милијардер Илон Маск одбил да и даде на Украина пристап до мрежата Старлинк во близина на Крим, пишува Њујорк Тајмс.
Според извори запознаени со ситуацијата, Маск неколку пати го ограничуваше пристапот до Старлинк за време на конфликтот. Во еден момент, тој го одби барањето на украинската војска да го вклучи терминалот во близина на Крим, пишува њујоршкиот дневен весник.
Според Њујорк Тајмс, тоа влијаело на стратегијата на бојното поле. Маск, како што се наведува, има „црвени линии“ кои не ги поминува, а меѓу нив е и потенцијален напад на Вооружените сили на Украина на Крим со помош на неговите технологии. Маск, исто така, го прекина пристапот на украинската војска до некои од терминалите на Старлинк поради неплаќање закуп од 2.500 долари месечно за секоја инсталација.
Минатата година тој јавно изнесе „мировен план“ за војната што изгледаше усогласен со руските интереси.
Загрижени поради преголемата зависност од технологијата наМаск, украинските официјални лица разговараа со други сателитски интернет провајдери.
„Старлинк е навистина крвотокот на целата наша комуникациска инфраструктура сега“, изјави Михаило Федоров, министер за дигитални прашања на Украина.
Старлинк е сателитска мрежа дизајнирана да обезбеди широкопојасен интернет пристап насекаде во светот. Од 2018 година проектот го спроведува „Спејс екс“ во сопственост на Илон Маск.
Г. Т.