Во Собранието денеска треба да почне 123. пленарна седница на која единствена точка на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија. Седницата е закажана за 11 часот.
Согласно Деловникот за работа на Собранието, дебатата трае најмногу десет работни дена и доколку е така треба да заврши на 31 август. Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати но, не повеќе од 30 минути вкупно. Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја носи со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници односно со 80 гласови.
Власта и опозицијата остануваат на своите ставови. За СДСМ, уставните измени се императив за граѓаните и избор меѓу „европска Македонија“ или изолација на државата, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот да не поддржи измени на Уставот во ваков формат под, како што велат, бугарски диктат и бараат предвремени избори.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера порача дека двотретинското мнозинство е потребно за продолжување на европските интеграции на државата, а не за опстанок на Владата. Избори, според премиерот, во овој момент не се решение.
-Осумдесет пратеници се потребни за глас за европска Македонија. На Владата и се потребни 61 пратеник за да може полноправно да одлучува и да работи до изборот на следната влада. Двотретинското мнозинство во Собранието за овие уставни измени е императив за секој граѓанин во државата, рече Ковачевски по посетата на компанијата „Дата Мастерс“.
Дебатата во Собранието, според Ковачевски, е добра можност граѓаните да се уверат дека се работи за процес за остварување на втората стратешка цел на државата, а тоа се евроинтеграциите.
Што побрзо го направиме тој процес, вели Ковачевски, толку побргу ќе станеме членка на ЕУ. Повтори дека за прв пат ветото не доаѓа однадвор, туку може да дојде од внатре.
Според него, сите 120 пратеници треба да покажат државничко однесување и да бидат на ниво на задачата за да овозможат подобра иднина за граѓаните.
– Пред нас се храбри и тешки одлуки, сите 120 пратеници треба да покажат државничко однесување, да бидат на ниво на задачата и да донесат одлука со која ќе се овозможи подобра иднина, за идните генерации, за нас, за нашите деца, напиша синоќа Ковачевски на „Фејсбук“ по средбата со американската амбасадорка Анџела Агелер.
И вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ порача дека ако навистина сакаме да ја оствариме целта – до 2030 година полноправно членство во ЕУ, сега е време тоа да се покаже на дело. Според Маричиќ, сега не е време за популизам. Блокадите од опозицијата на државата, вели тој, ѝ носат изолација, неизвесност и отвораат простор за влијанија на трети страни.
– Бегањето од носење државнички одлуки и неучествување во најважниот национален процес само го отежнува и забавува прогресот на државата и нè оддалечува од европската перспектива. Доколку не стане проактивна опозицијата и не даде поддршка за уставните надополнувања исходот е јасен, тука застануваме и повторно заглавуваме во чекалната на ЕУ. А тоа не носи добро никому и не треба да биде ова цел на никој, поради било кои причини а најмалку политички, истакна Маричиќ.
Земјата, како што посочи, сега е во фаза кога членството во ЕУ е на дофат и тоа до крајот на декадата, шанса која не се пропушта.
-Сега треба да е целта на сите да останеме на европскиот пат и да ја впишеме Северна Македонија во новиот пакет за проширување во којшто ќе бидат Украина, Молдавија, Грузија и држави од Западен Балкан. Затоа уставните измени мора да се случат до крајот на ноември, да останеме во процесот и да обезбедиме континуитет на преговорите со ЕУ. Колку подолго сме надвор од процесот, толку полошо за економијата, за целокупната клима во државата и толку повеќе млади ќе ја напуштаат државата. Тоа понатаму ќе ја слабее довербата во институциите и ќе биде закана за стабилноста и просперитетот на државата, а тоа сум сигурен дека никој не го посакува и затоа верувам дека ќе успееме да ги завршиме заеднички обврските кои ги имаме на патот до членството во ЕУ, вели Маричиќ.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи упати отворено писмо до пратениците во кое порача дека од нивната одлука ќе зависи дали земјата ќе ги продолжи преговорите со ЕУ или ќе ги запре на подолг рок без гаранција за успех.
– Во петок Вие ќе одлучувате за европската иднина на Северна Македонија, определба за која работиме и работеа сите Влади во изминатите 30 години. Од Вас ќе зависи дали со прифаќање на промената на Уставот ќе ги продолжиме разговорите по поглавјата за членство во Унијата или ќе запреме во преговорите на подолг рок, до некоја нова шанса, без никаква гаранција за успех, поттикнувајќи го процесот на „пасошизација“ на граѓаните кои бараат европска иднина за себе, истакна Османи.
Уверува дека идентитетските и историските прашања не се дел од преговорите.
-Најодговорно тврдам дека историските и идентитетските прашања не се дел од патоказите и одредниците од кои зависи отворањето и затворањето на поглавјата. Со оваа промена на Уставот, ние само ќе ја зајакнеме нашата меѓународна положба и ќе ја зголемиме меѓународната поддршка за нашите цели. Низ преговорите, шансите да продолжиме да ја промовираме и унапредуваме македонската национална посебност, историја и култура ќе бидат значително подобри и зајакнати, наведува шефот на дипломатијата, нагласи Османи.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторија уставни измени нема да има. Најавија дека ќе учествуваат на пленарната седница, а пред нејзиното одржување, како што вчера изјави лидерот на партијата Хирстијан Мицкоски, ќе одржат координација.
Претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за МИА на почетокот на месецов изјави дека по завршување на претресот, гласањето за потребата за уставни измени може да биде одложено, а ако нема услови, воопшто и да не се случи.
-Седницата на 18-ти август ќе се отвори и ќе се усвои дневниот ред како што е постапката, затоа е потребно присуството од 61 пратеник, а за гласање минимум една третина од вкупниот број. Тоа е општ принцип и секако се отвора дискусија, дебата, се повикува според процедурата да се отвори дебата. Што ќе биде, како ќе биде, не можам да кажам сега оти не можам да предвидам. Но, обврска ми е да имам испланирано десет работни дена да може да работи Собранието доколку има пријавено за збор за толку, значи максимумот за да трае дебатата е десет дена. Десеттиот ден завршува дебатата без оглед дали останале уште говорници или не, појасни Џафери.
Тој рече и дека доколку нема двотретинско мнозинство, гласањето може да биде одложено, но и дека тоа може и да не се случи, со што постапката за уставни измени завршува.
На 25 јули се одржа седница на собраниската Комисија за уставни прашања на која беа изгласани два заклучоци и тоа за пристапување кон измена на Уставот и за подготвување на нацрт- амандманите за измена на Уставот, доколку биде прифатена потребата за негова измена на седницата на 18 август. Двата заклучоци беа донесени со десет гласа „за“ и со седум гласови „против“.