Најдобрата млада спортистка во државата за 2022 година, неготинката Јадранка Темелкова, ќе учествува на Европското првенство во кикбокс за јуниори во Турција, што ќе се одржи од 25 август до трети септември, информираа денеска од нејзиниот тим во Неготино.
– Таа е шест години државен првак во нејзината категорија. Ќе биде дел од македонската репрезентација и ќе се натпреварува во дисциплина К1 – 56 килограми. На возраст од 16 години, беше избрана за најдобар млад спортист во државата за 2022 година, од страна на Агенцијата за млади и спорт и од Македонски олимписки комитет. Темелкова од светското првенство во Италија се врати со бронзен медал.
Македонската репрезентација, во Турција ќе ја предводат селекторот и претседател на федерацијата, Дејан Митровски – Урко и тренерот Драган Атанасовски, појаснија од нејзиниот тим во Неготино.