По повод Денот на независноста на Украина, денеска во Скопје се одржува свеченост која започна со поворка која тргне од споменикот на познатиот украински писател, Тарас Шевченко во Паркот на жената борец.
Од споменикот, свечената поворка се упати кон Алејата Украина, каде што се обрати Амбасадорката на Украина Лариса Дир. На присутните им се обратат градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, и претседателот на здружението „Лесја Украинка“, Олександр Урбанович.
24 август: Ден на независноста на Украина
Уште во времето кога Украина сè уште беше советска република, украинската дијаспора традиционално го одбележуваше 22 јануари (Декларацијата за независност на Украинската Народна Република во 1918 година) како Ден на украинската независност.
Сегашната форма на празникот првпат беше прославена на 16 јули 1991 година, како првата годишнина од Декларацијата за државен суверенитет на Украина донесена од Врховната Рада (Украинскиот парламент) во 1990 година. Откако Декларацијата за независност беше издадена на 24 август 1991 година, а потврдена со референдумот од 1 декември 1991 година, датумот на празникот беше променет и оттогаш се одбележува на 24 август.
Ј. Ѓ.
Фотографии: Џабир Дерала, Драган Мишев