Во однос на мечот со Италија на списокот на рускиот селектор има двајца нови кошаркари. Базаревич за денешниот меч со македонската репрезентација во последен момент дојде до Американецот со руски пасош, Џоел Боломбој, кој настапува за московска ЦСКА.
Сега на неговиот список има двајца нови кошаркари: Владислав Трушкин и Џоел Боломбој кои се меѓу 12-те што ќе излезат на паркетот на „Молот“ арената во Перм.
Освен двајцата новаци, во конкуренција за средбата со „црвено-жолтите“ се уште и: Евгениј Бабурин, Григориј Мотовилов, Виталиј Фридзон, Владимир Ивлев, Максим Григорјев, Иван Стребков, Станислав Илницкиј, Дмитриј Кулагин, Евгениј Валиев и Павел Антипов.
Селекторот на македонската кошаркарска федерација Александар Тодоров верува дека неговите избраници може да го покачат процентот на реализација на денешниот дуел со Русија, во споредба со натпреварот против Естонија во четвртокот во Скопје.
– Апсолутно нема што да загубиме. Играме против противник кој е многу поатлетски од нас. Само за потсетување колку проблеми имавме во рекетот и на тие скокови во нападот, со Естонија, по кои примивме дури 15 поени во првото полувреме. Така да, тоа е некаде каде што би барал некоја наша шанса, односно да ги неутрализираме тие нивни силни сегменти. Нормално, не со процент на реализација од 26% за три поени. А мислам дека оваа екипа е способна да ’извлече’ еден натпревар со 40-45% во шутот за три поени, смета Тодоров
Натпреварот се игра денес од 16 часот по македонско време.