„Не смее да се експериментира со европската иднина на земјата, ова е прашање кое е над теснопартиските интереси. СДСМ и ВМРО ДПМНЕ мора да изградат консензус прво околу ова прашање, да им ја донесат на граѓаните европската перспектива и тука не е дозволено политикантство“ рече членот на извршниот одбор на СДСМ, Андреј Петров во интервју за „Рацин“.
Тој додаде дека потоа треба да се обзбеди и консензус за заедничка борба против криминалот и корупцијата која го разјадува општеството 30 години.
„Без наши и ваши, туку со чесни и нечесни. Со име и презиме, без генерализирање. Заради младите кои се про ЕУ многу повеќе од скепсата на возрасните кои велат што ќе ни е, нема да не примат итн. Да изградиме систем на вредности, а тоа го гарантира членството во ЕУ“ рече Петров.
Поранешниот пратеник и градоначалник рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема аргументи зошто се против уставните измени и дека на пратениците од опозицијата им е јасно дека тоа што е на масата не е никаков бугарски диктат и дека не е загрозен македонскиот идентитет.
„Мислам дека чесниот одговор што треба да го дадат е дека не е проблем во европскиот договор, туку дека не им се допаѓа тајмингот што тоа се случува во време додека е СДСМ на власт. Но, тоа не е аргумент. Утре така може и било кој друг да се однесува и државата да тапка во место. Нема ќар од таква политика. Само зијан за државата. И изгубени генерации. И уште многу години во празно“ рече Петров.