Пет американски државјани денеска го напуштија Иран со катарски авион во замена за петмина Иранци ослободени од американските затвори во редок договор меѓу двете земји со посредство на Катар и одмрзнување на ирански имот од шест милијарди долари.
Катарскиот авион полета откако на САД и Иран им беше кажано дека парите се префрлени на трансакциски сметки во Катар, пренесува Ројтерс.
Висок претставник на Белата куќа потврди дека пет американски државјани кои биле во ирански затвори и нивните две сопруги го напуштиле Иран како дел од размена на затвореници.
Петмина Американци со двојно државјанство се префрлени во Доха, а потоа во САД, во замена за ослободување на пет ирански државјани од американските затвори.
Портпарол на иранското Министерство за надворешни работи изјави дека двајца Иранци ќе се вратат во Иран, а двајца ќе останат во САД на нивно барање. Еден ќе се придружи на семејство во трета земја, додаде тој.
Портпаролот Насер Канани истакна дека парите, блокирани во Јужна Кореја по заострувањето на санкциите на САД кон Иран во 2018 година, ќе му бидат денеска достапни на Техеран.
Според договорот, Катар ќе се погрижи парите да се трошат за хуманитарни цели како што се храна и лекови.
Г. Т.