Албанскиот претседател, Бајрам Бегај во Њујорк, остварил средба со високиот претставник и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, на која посебен акцент бил ставен на односите Србија-Косово.
– Односите меѓу Косово и Србија и потребата од продолжување на дијалогот меѓу двете земји беа дел од разговорот Бегај – Борел. Заеднички став е дека дијалогот со посредство на ЕУ и поддржан од САД, е единствениот начин за ублажување на тензиите на северот на Косово и нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, се наведува во соопштението од прес службата на Бегај.
Соговорниците оцениле дека е многу значајно двете страни да работат заедно на следните чекори за имплементација на Договорот постигнат меѓу двете земји во февруари и март 2023 година, како и конструктивно ангажирање на идните средби за дијалог.
Бегај престојува во Њујорк, како дел од албанската делегација, во која се и премиерот Еди Рама и шефот на дипломатијата Игли Хасани за учество на Неделата на високо ниво на 78-та сесија на Генералното собрание на ОН.