Тензиите во северниот дел на Република Косово ескалираа со насилен напад врз косовската полиција, од маскирани и добро вооружени српски екстремисти на 24 септември. Косовскиот премиер Албин Курти ја обвини Србија за нападот. Србија негираше вмешаност, но натрупа војска на границата со Косово, што предизвика предупредувања од САД и ЕУ. Во меѓувреме, контроверзниот бизнисмен и политички екстремист, косовскиот Србин, Милан Радоичиќ, ја презеде целосната одговорност за нападот. Српската војска, наводно, се повлече од пограничната зона.
За безбедносниот инцидент во Звечани Косово разговаравме со Фердинанд Никола, експерт за мир и безбедност од Приштина, поранешен политички советник на министерот за внатрешни работи на Република Косово. Тој сега го води Институтот за мир и безбедност (ИПС) во Приштина.
Во неделата, на 24 септември, во манастирот во Звечани, Косово, вооружена група српски екстремисти разменија силен оган со косовската специјална полиција. Еден полицаец беше убиен, а тројца се ранети, тројца напаѓачи се убиени, а десетина се уапсени.
Ова интервју е снимено еден ден подоцна (25 септември), и фрла светлина на самиот настан, но и на ситуацијата во поширок контекст.
ЦИВИЛ МЕДИА: Кој е вашиот коментар за последниот безбедносен инцидент во Косово? Што всушност се случи?
ФЕРДИНАНД НИКОЛА: Здраво г-дин Дерала и здраво на сите кои го гледаат ЦИВИЛ МЕДИА. Ми претставува задоволство што сум ваш гостин денес. Вие, многу точно и правилно го резимирате, во вашата реченица, тоа што се случи вчера, а вчера беше многу алармантен ден за Косово.
Косовската полиција беше нападната од терористичка група и како последица, како што спомнавте, беше убиен полицаец. Овој напад доаѓа во време на континуирана тензија на северот на Косово и континуирана тензија меѓу Косово и Србија, каде, како што знаете, Косово и Србија се страни во преговори, во дијалог, но сепак тоа што се случи вчера беше без преседан.
Напад врз безбедноста, напад врз косовските институции, а вчерашните настани беа сериозни затоа што тие продолжија а продолжија и борбите како што сите знаеме. Ова е резимето од тоа што се случи. Но, сметам тоа што е интересно се елементите, доколку се обидеме малку повеќе да ја раздвоиме ситуацијата, сигурен сум дека ќе имате други прашања за тоа.
ЦИВИЛ МЕДИА: Апсолутно да, секако. Мислам дека се подразбира дека ќе ве прашам за вашата оценка за косовската полиција и секако за онаа на меѓународната мисија на КФОР. Која е вашата оценка за нивната реакција? Како беше спроведена целата операција и кои се главните заклучоци од оваа операција?
ФЕРДИНАНД НИКОЛА: Исто така, само да спомнам, да додадам, мислам дека во однос на првата точка видовме вчера дека имаше членови на оваа терористичка група. Тие беа многу вооружени. Ја имаа целата опрема и логистика да извршат сериозен терористички напад, што и го извршија. Но, благодарение на брзиот одговор на косовската полиција, нападот не беше целосно извршен, затоа што тоа што можеме да го кажеме од тоа како ова беше планирано и како беше извршено, можевме да видиме уште повеќе жртви.
Значи, благодарение на одговорот, брзиот одговор, од косовската полиција, овој напад беше сопрен. Операцијата беше прекината, да, со жртви, секако. Но, беше прекината и мислам дека е битно да се истакне дека координацијата и со КФОР и со ЕУЛЕКС беше ефикасно спроведена. Знаеме дека косовската полиција е подготвена и способна да осигура безбедност и сигурност на северот, да го брани и заштити територијалниот интегритет.
А ова, исто така, се покажа и во вчерашниот одговор на косовската полиција. А, тоа испраќа и силна порака до криминалецот или групите и организациите на северот, кои дејствуваат на северот и кои доаѓаат потенцијално од Србија, дека со ова ќе се соочат. Тие ќе се соочат со реакција, силна реакција од косовската полиција и дека тие дела нема да се толерираат.
ЦИВИЛ МЕДИА: Го слушнавме српскиот претседател Вучиќ, кој рече дека ова беше одговор на српскиот народ кон теророт што го доживуваат во Косово? Што мислите во врска со ова?
ФЕРДИНАНД НИКОЛА: Мислам дека е важно да се вратиме еден чекор назад и да прочитаме некои од изјавите на претседателот Вучиќ. Во минатото некако предвидуваше вакви тензии и напад во некои од неговите изјави. Тој постојано испраќаше пораки дека на северот може да има ескалација, може да има конфликт.
А другиот факт е дека овие напаѓачи пристигнале и влегле на косовска територија од Србија, па се прашувате, како тоа?
Ништо од ова не било надгледувано, ништо од ова не било спречено, ништо од ова не било следено од српската страна. Значи, ова навистина покажува како информациите, пропагандата што тој сега ја користи е апсолутно, како да кажам, пропаганда, не е вистина. Тие, всушност, воопшто не играа конструктивна улога, туку всушност ја овозможија и поддржаа оваа операција.
ЦИВИЛ МЕДИА: Но од другата страна има обвинувања на сметка на косовскиот премиер Курти, кој според другата страна ја провоцирал ваквата ситуација. И секако оваа војна на зборови ќе продолжи, верувам. Дали можеби имате некаква препорака, можеби косовската влада или можеби премиерот Курти можеше да направи повеќе за да се спречи развој на вакви настани?
ФЕРДИНАНД НИКОЛА: Добро познат факт е дека дијалогот не оди најдобро. Постојат огромни предизвици во Брисел и покрај повиците од меѓународната заедница, од ЕУ и САД за страните да седнат и да најдат долготрајни и одржливи решенија. Значи, мислам да во однос на ова дефинитивно премиерот на Косово, премиерот Курти и претседателот Вучиќ ја имаат крајната одговорност да најдат трајно решение за тензиите и на северот и меѓу Косово и Србија.
Меѓународната заедница е одлучна и мошне сериозно повикува страните да покажат поголема подготвеност за спроведување на договорите, за германско-францускиот план и мислам да во тој однос, очекувам и мојата препорака би била да за лидерите да седнат и да најдат решение, за да немаме повеќе ситуации како оваа, повеќе жртви во иднина.
И нивна одговорност е навистина да најдат волја и храброст да седнат и да отворат нов пат, нова слика, не само за луѓето кои живеат во Косово и Србија, туку и за попросперитетна иднина за Балканот.
Мислам дека тука и меѓународната заедница може да одигра поголема улога, затоа што во смисла на покажување поголема перспектива на евроатлантските интеграции, Западен Балкан мора да просперира, многу побрзо и со поцврсти чекори во таа евроатлантска агенда, затоа што одделно и на маргините на Европа, тоа е она што може да се очекува од Балканот.
ЦИВИЛ МЕДИА: Да, ви благодарам и да се надеваме дека лидерите ќе ги слушнат овие зборови на препораки и како да се продолжи. Меѓутоа, да се вратиме на ситуацијата во Косово, некои извештаи истакнуваат дека платеничката група Вагнер е инволвирана во вчерашниот напад. Што знаеме досега за инволвираноста на групата Вагнер на Косово воопшто, или во вчерашниот немир, инцидент?
ФЕРДИНАНД НИКОЛА: Важно е да се истакне дека северот на Косово, северните општини, секогаш биле како засолниште за криминални банди и терористички групи. Знаете дека косовската влада има прогласено национална заштита за терористички организации оваа година. А постојат и чекори за да се осигура суверенитет и контрола во северниот дел. Но, создавање на безбедна и сигурна средина за граѓаните, мислам дека тоа беше проблем со години, за групите, сите групи и криминални групи инволвирани во организиран криминал, во корупција, да прифатат таков пристап од косовската влада и косовските институции. А тука продолжува да расте тензијата.
Што се однесува до Вагнер, знаеме дека полицијата уапсила тројца од вооружените лица, извинете, убила и уапсила тројца од нив, извините шест од нив. А треба да видиме што ќе покажат истрагите за конкретното прашање што го поставивте и дали имало вмешаност на групата Вагнер или на поддржувачите на Вагнер или платениците.
Тоа што го знаеме сигурно е дека операцијата имаше многу карактеристики на тоа како дејствуваат платеничките групи. Еден од нив е и Вагнер. Значи, ова го знаеме, но, за информации ќе треба да почекаме малку за да можеме да зборуваме поточно за потенцијалната вмешаност на терористичка група Вагнер во овој конкретен случај.
ЦИВИЛ МЕДИА: Ја видовме пораката на Радомир Почуча, кој е вклучен во војната во Украина, на руската страна, кој по веста дека е убиен во акција се појави во видео во кое вели жив сум итн. Видовме и многу други симптоми на вмешаност, не само на групата Вагнер на терен, туку и сериозна вмешаност на Русија, на Кремњ во работите меѓу Косово и Србија. Која е вашата оценка за руската вмешаност во овој конкретен инцидент или во поширокиот контекст на косовско-српските односи?
ФЕРДИНАНД НИКОЛА: Па, знаеме дека Србија е најсилниот сојузник на Русија, и не само на Балканот, туку и во Европа, а и продолжува да биде. Таа е единствената земја која нема воведено санкции против Русија. Така што, постои отворен канал на комуникација, на соработка. Косовските институции се соочуваат со тешкотии на северот долги години поради присуството на нелегални групи, криминални групи, организиран криминал и членови на разни терористички организации.
Значи, затоа мислам дека пристапот и динамиката со која косовските институции работат на северот, покажуваат дека тие го зголемуваат своето присуство, ја зголемуваат својата будност и покажуваат поголема посветеност да контролираат и да осигураат северот да не стане центар за криминални и терористичките организации, вклучувајќи го и Вагнер. Руското влијание на северот отсекогаш било, како да се каже, очигледно.
Минатата година дури имавме високи претставници од руската амбасада кои се приближија до границата со Косово и ги охрабруваа војниците и полицијата од српската страна да ја ескалираат ситуацијата, која веќе беше напната. Значи, знаеме, ја разбираме многу опасната улога што Русија ја игра во овој однос во оваа игра.
ЦИВИЛ МЕДИА: Да се вратиме повторно на инцидентот, видовме дека вооружената група го користела манастирот Бањска во Звечани. Каква е вмешаноста на Српската црква во оваа работа, во овој случај? Каква е улогата на овој споменик, така да се каже, како и местото каде што Српската црква има свои луѓе? Што беше ова?
ФЕРДИНАНД НИКОЛА: Можам да кажам дека во овој конкретен случај, за жал, терористите го користеле манастирот и се забарикадирале во него и пукале кон полицијата од таму или од околината на манастирот. Манастирот, во овој случај, се користел како засолниште од овие вооружени лица.
Една димензија која сметам дека е важна тука е тоа дека ова многу лесно можеше да ескалира уште повеќе, бидејќи мислам, верувам дека начинот на кој ова било планирано било да се создаде уште една провокација, сериозна провокација и да се прикаже слика на светот дека косовската полиција напаѓа манастир. А ова можеше да поттикне друго насилство. Мислам, многу лесно локалните Срби можеа да се мобилизираат и да кажат во ред, сакаме да го заштитиме манастирот. Но, благодарение на професионализмот, мислам од полицијата и меѓународните сојузници што интервенираа во овој случај, беше спречен уште еден голем насилен случај.
Што се однесува на вмешаноста, мислам дека знаеме и сé уште има изјави, вклучувајќи ја и последната од британскиот пратеник за тоа дека, знаете, наводно манастирот се користел за складирање на оружје. Но ова мора понатаму да се истражи и мислам дека треба да видиме кои се доказите таму. И повторно, во овој конкретен случај, со сигурност можам да кажам дека манастирот бил користен, злоупотребен и жално за манастирот и за аџиите, кои знаете вршеле служба таму во тоа конкретно време.
ЦИВИЛ МЕДИА: Значи, Српската црква официјално нема никаква врска со оваа операција на складирање оружје и муниција и опрема таму? Тоа е само злоупотреба од страна на вооружената група што го користела манастирот, исто така, во политичка смисла? Но, нема вмешаност на Српската црква, на Православната црква во овој конкретен случај?
ФЕРДИНАНД НИКОЛА: Досега, а тука зборувам од она што го читам од официјалните вести и изјавите од министерството, од полицијата, така што немам видено било какви докази што ја инфилтрираат црквата во овој конкретен случај, а читам само факти што циркулираат додека зборуваме.
ЦИВИЛ МЕДИА: Г-дин Никола, последно прашање. Што да се прави во врска со овие прашања?
ФЕРДИНАНД НИКОЛА: Па, мислам од перспектива на косовската полиција, мислам дека треба да продолжат целосно да дејствуваат и да воспостават суверенитет на северот на Косово. А тоа треба да биде безбедност и ред за сите граѓани кои живеат на северот. Треба да бидат попретпазливи и да се подготват да реагираат доколку се повторат слични ситуации. Мислам дека меѓународната заедница мора да ја предупреди Србија и да воведе санкции за сериозно нарушување на територијалниот суверенитет на Косово во овој случај. А во однос на последната точка, што повторно се поврзува со точката со која го започнавме разговорот, нема друг начин освен да се најде долготрајно и одржливо решение за безбедност меѓу Косово и Србија.
Страните треба да продолжат на маса со разговори и да создадат нова перспектива за луѓето. Важно е сега да има подготвеност од Србија да дејствува, а тие криминалци треба да бидат изведени пред лицето на правдата, оние кои се во Косово. Но, исто така, разбираме дека има други кои избегале и моментално се наоѓаат на територија на Србија.
Значи, тие мора да ја одиграат својата улога и да покажат дека знаете дека тие не поддржуваат такви криминални и терористички дејствија во Косово. Луѓето треба да живеат без страв. А битно е да се нагласи дека има тензија на свереот, луѓето се плашат, луѓето се исплашени. И повторно, Србија има голема улога да одигра во спречување и воздржување од инциденти, како овој што се случи вчера во Косово.
ЦИВИЛ МЕДИА: Г-дин Фердинанд Никола, експерт за мир и безбедност, од Институтот за мир и безбедност, Приштина. Ви благодарам за ова интервју.
ФЕРДИНАНД НИКОЛА: Г-дин Дерала, ми беше задоволство. Ви благодарам за поканата. Сé најдобро.
Џабир Дерала
Камери, видео монтажа и фотографии: Ариан Мехмети
Извор: Цивил Медиа