Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по пристигнувањето на Самитот на Европската политичка заедница во Гранада изјави дека очекува тешки разговори, како и дека ќе има важни билатерални средби, јави дописникот на МИА од Белград.
Тој оствари и заедничка средба со премиерите на Северна Македонија и на Унгарија, Димитар Ковачевски и Виктор Орбан.
-Кратка средба со пријателите Орбан и Ковачевски пред почетокот на Самитот, на која ќе се разговара за голем број важни теми за денешна Европа и, се надеваме, за Западен Балкан, напиша Вучиќ со објавена фотографија на Инстаграм профилот „будучностсрбијеав“.
Во Гранада денеска започнува Самитот на Европската политичка заедница на кој лидерите на 44 земји ќе разговараат за безбедноста, енергетиката и други прашања од интерес на целиот континент.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел најави дека на Самитот може да има и неформални средби на лидерите на ЕУ и на Западен Балкан за ситуацијата во Косово.