„Кого лажете господо од ДПМНЕ?“, реагира во објава на Фејсбук координаторот на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на општина Аеродром, Милутин Ристески, на изјавата од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој денеска вети дека ако дојдат на власт, во Аеродром ќе испорачаат 11,5 милиони евра.
„Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ планира да испорача 11,5 милиони евра годишно директно од буџетот за капитални проекти во општина Аеродром.“ – рече Мицкоски од Островска во населба Лисиче во Аеродром.
Ристески вели дека „исто вака планираа пред 2 години, со рок до крајот на 2023-та“.
Тој во објавата ги наведува ветените неостварени проекти на градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски: „4 нови градинки – во населбите Мичурин, Острово, Лисиче и Долно Лисиче; проширување на објектите на градинките Сонце и Лале; реконструкција на градинката во населба Лисиче; парк „Радост“ на 6.000 метри квадратни во Реонски центар; нова гимназија; нова општинска зграда; нов кружен тек меѓу Мичурин и Стар Аеродром; нов мултифункционален центар со простории за младински центар; нов спортски центар „Пирин“ во населба Лисиче; нова спортска сала во Долно Лисиче; музеј на МЗТ; кино сала и театарска сцена во Ново Лисиче; еднократна помош за новороденче зголемена од 8.000 на 20.000 денари; стратегија за млади; стипендии за млади таленти во износ од 30.000 денари; спортски субвенции за млади во износ од 600 денари; завршени сите постапки за легализација“.
„До денес ништо од планираното. И како по правило, друг им е крив за тоа. Владата не им одобрувала задолжување од 5,5 мил. евра, со 10 години рок на отплата и 5% годишна камата. Пази, молим те?! Се запрашал ли Тимчо, како функционираа Златко, Ивица, Киро без задолжувања? А кога ги ветуваше овие „брда и долини“ пред 2 години размисли ли како ќе ги финансира? Каде во програмта на Тимчо за Аеродром стои дека за да го реализира ветеното ќе ја задолжува општината, дека ќе ги задолжува граѓаните? И каде е програмата на Тимчо сега, да споредат граѓаните што се’ се ветуваше пред 2 години? Вселенска програма можат да ветат така, па после „нормално“ друг ќе им биде крив што немало пари за тоа“, истакнува Ристески.
Ј. Ѓ.