Фондацијата „Заев-едно општество за сите“ и Општина Струмица доделија 68 стипендии на талентирани ученици од струмичките основни и средни училишта. Стипендиите се во износ од 2.500 денари месечно за средношколците и 2.000 денари за ученици од основни училишта за учебната 2023/2024 година.
Стипендиите им ги доделија градоначалникот Костадин Костадинов и претставничката на Фондацијата, Ева Заева. Струмичкиот градоначалник истакна дека Општината втора година по ред доделува стипендии преку Јавен повик.
-Кога зборуваме за плодна соработка, за потпишани меморандуми, особено драг е меморандумот којшто го имаме потпишано со Фондацијата „Заев-едно општество за сите“, кој треба да биде мотив и за останатите луѓе, организации, за целиот граѓански сектор, дека само по себе Општината, општинската администрација, советниците, не можат да сторат ништо, без притоа да имаме на ум дека треба да го сториме она, што всушност е најтешко да се биде во 21 век – да се биде човек, да се има разбирање, да се дава поддршка, да се биде човек кој мотивира, кој инспирира и кој знае да ги препознае и да ги награди успешните луѓе, а во денешниот случај успешните наши струмички деца од основно и средно образование, рече Костадинов.
Од името на Фондацијата „Заев-едно општество за сите“, се обрати претставничката Ева Заева.
-Иднината на нашето општество, иднината на нашата заедница и иднината на секој поединец се заснова на стремежот кон создавање на нови знаења и искуства во текот на образованието, но и потоа. Оние кои ги следат активностите на нашата Фондација знаат дека голем број од досегашните активности беа токму насочени кон учениците и младите луѓе. Така беше досега, така и ќе продолжиме во иднина. За среќа ние не сме осамени во таа наша мисија. На истата бранова должина се најдовме и со Општина Струмица која на чело со градоначалникот Костадинов води грижа за развојот на младите и студентите. Токму поради таа причина решивме да се приклучиме во стипендирањето на талентирани млади основци и средношколци, рече Заева.
Од името на учениците-стипендисти се заблагодари ученичката Магдалена Мучева, која истакна дека оваа поддршка е од големо значење за нив и за нивниот развој, а стипнедијата им дава можност да бидат уште повеќе мотивирани и да постигнуваат нови успеси.