Официјален претставник на Хамас рече дека исламистичката група повеќе нема да ослободува заложници доколку не се дозволи проток на медицински материјали и гориво во Појасот Газа.
Во петокот Хамас со посредство на Катар ослободи двајца заложници кои се американски државјани. Исламистичката група држи над 220 заложници, вклучувајќи бебиња и мали деца.
„Од хуманитарни причини, безусловно ослободивме четири лица, но ако некој побара дополнително ослободување на заложниците, мораме да побараме од меѓународната заедница да изврши поголем притисок врз Израел и да го отвори преминот Рафа за да може медицинските материјали и горивото да влезат во Газа“, рече Осама Хамдан, член на политбирото на Хамас и претставник во Либан.
Хамдан вели дека Палестинците имаат основно право на болничко лекување доколку се изложени на секојдневни израелски воздушни напади.
„Неопходно е Израел да престане да го бомбардира нашиот народ за да обезбеди ослободување на киднапираните луѓе“, рече Хамдан.
Најмалку 222 лица беа киднапирани во нападот на исламистичкиот Хамас на 7 октомври во јужен Израел.
Тој ден Хамас уби над 1.400 Израелци и граѓани на неколку други земји, речиси сите цивили.
Во воздушните напади на Израел во Газа загинаа повеќе од 5.000 луѓе, соопшти Министерството за здравство под контрола на Хамас.
Хамас е на листата на терористички организации на ЕУ и САД.