Иако на локалните избори 2021 година актуелниот градоначалник на Аеродром и висок функционер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски вети дека за време на неговиот мандат ќе изгради четири нови градинки, со „нула трошок“ за родителите, кино, театар, читална, забавен парк, современа, модерна и урбана општина, како директна помош од Словенија за пристап до европските фондови, на половина од мандатот на локална власт во Аеродром, тој ги изневери граѓаните. Нема проекти. Нема резултати.
Муцунски иако наследи полна општинска каса сепак листата на нереализирани, а ветени проекти на ВМРО ДПМНЕ и Тимчо Муцунски за Аеродром е многу долга. Ги нема четирите ветени нови градинки во населбите Мичурин, Острово, Лисиче и Долно Лисиче. Го нема ни долго најавуваниот парк Радост на 6.000 метри квадратни.
Ги нема ниту новата гимназија, новиот мултифункционален центар со простории за младински центар, новата општинска зграда, како што ги нема и новиот СЦ Пирин и спортската сала во Долно Лисиче. Ја нема ни кино салата и театарската сцена во Ново Лисиче. Исто така го нема ниту ветениот музеј на МЗТ.
Муцунски – исто така вети зголемување на еднократната помош за новороденче од 8.000 на 20.000 денари, стипендии за млади таленти, но и тие се само дел од многуте ветени лаги, исто како што е и лагата легализација на сите објекти на територија на општина Аеродром.
На изборната кампања на локалните избори во 2021 година Муцунски пред граѓаните најави реализација на четири нови градинки, со „нула трошок“ за родителите, кино, театар, читална, забавен парк, современа, модерна и урбана општина, како директна помош од Словенија за пристап до европските фондови.
– Додека власта нè навредуваше, во Љубљана постигнавме договор за директна словенечка помош за пристап до европски фондови за Општина Аеродром. Ние внатре во државата сме опозиција, но надвор работиме единствено и само во интерес на секој од вас. Навредите и клеветите се одраз на немоќ и незнаење – порача Муцунски на еден од своите пред изборни митинзи за време на кампањата на локалните избори 2021 година.
Тој пред аеродромци – исто така вети дигитализација на општината преку проектот наречен „Смарт Аеродром“.
Дестан Јонузи