Папата Франциск денеска одвоено се сретна со израелските роднини на заложниците кои ги држат Хамас и Палестинците со семејствата во Газа и рече дека конфликтот отишол подалеку од војната и станал „тероризам“.
Состаноците и коментарите на папата дојдоа неколку часа откако израелската Влада и Хамас се согласија за прекин на огнот во Газа за најмалку четири дена, што ќе овозможи да пристигне помош и да се ослободат најмалку 50 заложници кои ги држат милитантите во замена за најмалку 150 Палестинци затворени во Израел.
Говорејќи без пишан текст на општата аудиенција денеска на плоштадот „Св. Петар“, набрзо по состаноците во раните утрински часови во неговата резиденција, папата Франциск рече дека директно слушнал како „страдаат двете страни“ во конфликтот.
„Тоа е она што го прават војните. Но, ова ја надмина војната. Ова не е војна. Ова е тероризам“, рече папата и замоли за молитва за двете страни „да не одат со страсти кои на крајот ќе ги убијат сите“.
Двете групи одржаа посебни прес-конференции.