Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, објави дека шефовите на дипломатиите на членките на НАТО на синоќешната средба во Брисел имале важна размена на мислења за состојбите во Западен Балкан.
-Ги информирав шефовите на дипломатиите за актуелната ситуација во однос на дијалогот што се води под покровителство на ЕУ. Потребен е напредок на учесниците во дијалогот, напиша Борел на социјалната мрежа „Х“.
Тој укажа на важноста БиХ да го искористи моментот за одлучувачки напредок на патот кон членството во ЕУ.
Пред почетокот на министерскиот состанок на НАТО во Брисел, чија агенда го вклучува Западен Балкан, Борел рече дека мисијата ЕУЛЕКС на Косово ќе продолжи да соработува со КФОР за обезбедување стабилност и безбедност на северот на Косово, соопшти Европската служба за надворешна политика.
Борел додаде дека стабилноста и просперитетот на земјите од Западен Балкан и нивното усогласување со надворешната политика на Унијата се од витално значење за ЕУ.