РИБАРО
Дел од македонските медиуми, како што дознава екипата на АХА, вчера вечерта снесле јајце со ликот на Лавров. Необичниот настан се случил на аеродромот во Скопје, непосредно пред пристигнувањето на рускиот министер за надворешни работи, кој ќе присуствува на Самитот на ОБСЕ.
АХА контактираше дел од медиумите кои снесле такви јајца и ги запраша за причините и како дошло до тоа.
– Не знам, некако од преголема возбуда дека токму ние ќе ја пренесеме веста за доаѓањето на висок преставник од земјата агресор што секојдневно убива во Украина, само од себе ми дојде. Си клекнав и исквачив јајце со ликот на Лавров. Колку необично и прекрасно. Не можев да се воздржам, одговори одговорен уредник од медиум кој сакаше да остане анонимен.
Другите квачачки медиуми не сакаа да коментираат.
Рускиот амбасадор во Македонија на медиумите што снесле јајца со ликот на Лавров им врачи благодарници и ги покани на повојница на крофни во руската амбасада.
АХА дознава дека во тек е онлајн лицитација на јајцата, а досега најмногу понудил пратеникот на Левица Апасиев, а втората највисока понуда била од Мицкоски кој, како што велат нашите извори, наддавал во име на неговиот ментор Орбан.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK