Извршниот одбор на СДСМ го потврди предлогот на лидерот Димитар Ковачевски и како кандидат за нов Претседател на Собранието го избра Јован Митревски, досегашен координатор на пратеничката група на СДСМ, објави вечерва владејачката партија на својот фејсбук-профил.
Извршниот одбор го задолжи генералниот секретар да спроведе подготовка на Роковник за постапката, начинот и критериумите за избор на кандидат за претседател за претседателските избори, согласно Статутот на партијата.
За Шеф на Централниот изборен штаб на СДСМ, Извршниот одбор го предложи генералниот секретар Миле Зечевиќ Вардарски.
СДСМ е подготвена и на изборите оди на двојна победа на претседателските и парламентарните избори. СДСМ ќе го даде победничкиот кандидат за претседател и ќе ја формира идната проевропска Влада, пишува во објавата на Фејсбук.
Ковачевски доби овластување за подготвителни разговори и консултации со парламентарните партии за техничка влада која што е законска обврска.