Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска остварил средба со делегација на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Албанија, предводена од Мими Кодели, претседателката на Комисијата, соопшти прес-службата на Собранието.
Џафери изразил големо задоволство од средбата истакнувајќи дека двете земји градат одлични билатерални односи, со интензивен политички дијалог и соработка во значителен број области од заемен интерес.
Тој изразил и убедување дека соработката ќе продолжи и во иднина, со уште поголема динамика и потенцирал дека Северна Македонија и Албанија споделуваат заеднички цели и интереси на надворешно-политички план, како што е членството во Европската унија, соработката во рамките на НАТО, како и продлабочувањето на регионалната соработка.
Џафери, како што стои во соопштението, ги информирал колегите пратеници од албанското Собрание за донесувањето на новиот Деловник за работа на Собранието на РСМ, со консензус и по повеќегодишен заеднички труд и за неодамнешното одржување на дијалогот Жан Моне на Собранието со Европскиот парламент во куќата на Жан Моне во Базош, Франција.
Претседателката на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Албанија, Кодели, истакнала дека двете земји споделуваат заеднички вредности и историја, како и заеднички аспирации за членство во Европската унија.
Кодели посочила дека двете земји заедно и активно учествуваат во Берлинскиот процес, во ПСЈИЕ и други регионални организации, посочувајќи дека е потребна натамошна демократизација на сите земји од Западниот Балкан, со цел целиот регион да стане дел од Европската унија.
Укажала дека имаат длабока почит за напорите и тешките одлуки кои ги донела Република Северна Македонија, имајќи ја предвид иднината на земјата и благосостојбата на граѓаните.
Двајцата соговорници изразиле очекување и надеж дека Северна Македонија и Албанија заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција истакнувајќи дека тоа би било добро и за останатите земји од регионот, бидејќи заедничка е посветеноста за сеопфатен развој на Западен Балкан.







