Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи упати честитики на Украина и Молдавија за почетокот на разговорите со Европската унија (ЕУ).
– Честитки до Украина и Молдова за почетокот на преговорите со Европската Унија. Денес можеше да биде ден за славење и кај нас за отварање на поглавјата, но антиевропските темни сили држат во заложништво 2 милиони граѓани. Уште малку!, се вели во објавата на министерот Османи на Фејсбук.
Лидерите на земјите-членки на ЕУ одлучија да ги отворат пристапните преговори со Украина и Молдавија, одобрија кандидатски статус за Грузија, а преговорите со Босна и Херцеговина ќе бидат отворени кога ќе се објави потребниот степен на усогласеност со критериумите за членство, изјави претседателот на Европскиот совет.
„Европскиот совет одлучи да ги отвори пристапните преговори со Украина и Молдавија“, објави Шарл Мишел на социјалната мрежа Х.
Засега не се познати детали кога ќе се одржи првата меѓувладина конференција за пристапување, ниту кога ќе биде усвоена преговарачката рамка.
Мишел додава дека Грузија добила кандидатски статус.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја напушти просторијата додека лидерите донесоа одлука за отворање на пристапните преговори со Украина, потврдија за Гардијан тројца европски дипломати. Набрзо и самиот Орбан се огласи преку Фејсбук и повтори дека Украина не е подготвена да ги започне пристапните преговори.
Д. Ј.