Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска во Тирана оствари билатерална средба со министерката за култура на Албанија, Елва Маргарити, по повод првата успешна реституција и враќањето на незаконски изнесеното културно наследство од Северна Македонија кое беше пронајдено во Република Албанија.
На средбата се осврнаа на целата процедура и за успешноста на овој историски чин, кој, како што кажаа министерките на состанокот, е резултат на блиската и интензивна соработка меѓу двете држави.
– Успешната соработка е потврда за пријателството и довербата што ги негуваме како министерства за култура на Северна Македонија и на Албанија – рече Костадиновска-Стојчевска, потенцирајќи ги добрата волја и посветеноста од двете страни за заштитата и промоцијата на заедничките културни обележја.
Костадиновска-Стојчевска и Маргарити ги разменија искуствата околу актуелните прашања и процеси во нивните ресори, а посебен акцент беше ставен на следните чекори во спроведувањето на заедничката агенда за заштита на Охридскиот Регион при спроведување на препораките од УНЕСКО.
– Ќе продолжиме со зацврстување на соработката меѓу нашите две земји во областа на културата, зачувувањето на наследството и бескомпромисната борба против нелегалното движење на нашето материјално културно богатство – посочи на средбата Маргарити.
Министерката Костадиновска-Стојчевска порача дека во духот на добрососедските односи и на мултикултурализмот, како основа на нашите регионални политики, ќе се унапредува соработката, најавувајќи ја нејзината идеја и иницијатива за потпишување Меморандум за разменување стручен кадар, искуства и знаење меѓу уметниците и институциите помеѓу државите од Западен Балкан.