„Наместо да ги отвориме можностите за уште повеќе европски фондови, опозицијата посакува да ѝ се сврти грб на Европа. Да потсетам, во 2008 година го пропуштивме возот поради политиката на ВМРО-ДПМНЕ која тогаш беше владејачка партија. Нивната одлука да играат на националистичката карта и да освојат уште еден мандат, притоа водени од сопствениот интерес, а не од интересот на нашата земја, се оттргнавме од патот кон Европската Унија, имавме бројни внатрешни кризи, уназадување на демократијата. Дури и Европската комисија не етикетираше како заробена држава во својот Годишен извештај во 2015 година и сето тоа нè втурна во повеќе од една деценија чекање и стагнација“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за „Рацин.мк“.
Тој додаде дека ако не се донесе одлуката што ќе не придвижи напред, повторно ќе се случи истото и ги повика ВМРО-ДПМНЕ, иако се во опозиција, да ја покажат својата теоретска посветеност за полноправно членство во ЕУ на дело.
„За среќа, не може да стане збор за прекин на преговорите, тоа задоволство нема да им го пружиме на ДПМНЕ. Преговорите се активни, скринингот е завршен, успешен и верификуван од Европската Унија, единствено што за да ги отвориме поглавјата ни требаат уставните надополнувања“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот објасни дека наместо веднаш да влеземе во процес на отворање на кластерите, усогласување со европските стандарди по различните поглавја, опозицијата нѝ приредува ново одлагање, нова неизвесност.
„На сите нѝ е добро познато дека единствената наша домашна задача поврзана со отворањето на поглавјата не може да се реализира поради блокадата од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа значи сѐ додека не го завршиме дополнувањето на Уставот, овој застој практично ги става во лер, на неопределено време процесите и сѐ она што е сработено. Ги успорува процесите, ги одложува најважните придобивки за граѓаните и ја става земјата во незавидна позиција“ рече Маричиќ.