Голем протест на опозицијата собрана околу коалицијата „Србија против насилство“ е најавен денеска од 18 часот пред зградата во која е сместена Републичката изборна комисија (РИК) во Белград, објави порталот N1.
„Почитувани граѓани, ситуацијата е многу сериозна, а исто така сме многу блиску до целта. Затоа ве повикуваме в недела во 18 часот да дојдете пред Републичката изборна комисија и заедно да се избориме да ја достигнеме таа цел“, порача потпретседателката на Партијата за слобода и правда, Мариника Тепиќ.
Александар Јовановиќ Ќута, исто така, ги повика граѓаните денеска да ја одбранат својата изборна волја.
„Сите во 18 часот овде пред РИК да го браниме тоа што е наше, а тоа е изборната волја. И никогаш повеќе да не дозволиме крадците да одлучуваат за нашата судбина. Се гледаме“, истакна вчера Јовановиќ.
„Ќе поставиме сцена, ќе тргнеме да ја браниме волјата на народот, државата, слободата што ни ја одзедоа тие што ни ја приватизираа државата. Можеби РТС ќе сфати дека треба да ги информира граѓаните кои редовно плаќаат секој месец“, изјави на вчерашниот протест Мирослав Алексиќ, еден од носителите на републичката листа на коалицијата.
Опозицијата и студентите веќе неколку дена протестираат пред зградата на РИК, а потпретседателката на ССП, Мариника Тепиќ, седум дена по ред штрајкува со глад. Во штрајкот ѝ се придружија уште шестмина поранешни пратеници и претставници на коалицијата „Србија против насилството“.
Г. Т.