На самиот крај на минатата година излезе од печат новиот наслов на издавачката куќа „Гаврош“, „Заборавениот јазик“ Вовед во разбирањето на соништата, бајките и митовите од Ерих Фром во превод на Слободанка Марковска.
„Фром како еден од највлијателните мислители на модерните времиња, ни презентира инспиративна научна расправа за разбирањето на природата на искуството од соништата поаѓајќи од тезата дека тие се напишани со еден универзален јазик што луѓето во модерноста го заборавиле, а тоа е симболичкиот јазик.
Веруваме дека преводот на ова дело, првпат објавено во 1951 година, не само што ќе го зголеми фондот на научна литература во доменот на хуманистичките науки и психијатриска практика, туку ќе го пронајде патот до широк круг читатели или до сите нас што настојуваме подобро да се разбереме себеси и другите.“, пишува издавачот.
„Ако е вистина дека способноста за чудење е почеток на мудроста, тогаш оваа мудрост е тажен коментар за мудроста на модерниот човек. Колкави и да се придобивките од високиот степен на нашето литерарно и општо образование, ние сме ја изгубиле дарбата за чудење. Се мисли дека сѐ e веќе осознаено – ако не од нас лично, тогаш од некој специјалист чија работа е да го знае она што ние не го знаеме. Всушност, да се биде зачуден е непријатно, тоа е знак на интелектуална инфериорност. Дури и децата ретко се изненадуваат, или барем се обидуваат да не ни покажат кога ќе им се случи тоа; со годините, постепено ја губиме способноста за изненадување. Да се знаат точните одговори се чини дека е најважно; во споредба со тоа, да се постави вистинско прашање се смета за безначајна работа. Можеби токму ваквиот став е причината зошто една од најзбунувачките појави во нашето живеење – нашитесоништа – толку ретко предизвикува чудење и поставување прашања. Сите ние сонуваме; не ги разбираме сопствените соништа, а сепак се однесуваме како ништо чудно да не се случува во нашиот ум додека спиеме; чудно барем во споредба со логичките, целисходни активности на нашиот ум кога сме будни.“ (извадок од делото)
„Заборавениот јазик“ ќе може да се најде низ книжарниците во земјава.