Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Никогаш не можев да откријам кој рекол дека демократијата е налик на старите износени чевли. Оној кој ја кажал оваа дефиниција секако милел дека таа не мора да е привлечна како уредување, и на прв поглед има многу маани (веројатно крпеници заради изабеност) ама добро легнува во секојдневниот живот, бидејќи, оној кој ги носи, сепак, се чувствува – удобно! Таа, демократијата, има функционалност, би се рекло со некој професорски речник!
Резултатите од парламентарните избори во светот се – ретроградни!
Можеби дефинициите за демократијата можат да се редат подолго време, но факт е дека во тек е постојан премин на земјите со демократско уредување во редот на автократски држави, некои од нив вброени во т.н. земји со хибридни режими. Според новинарот, дописник од Рим за повеќе белградски медиуми, Жељко Пантелиќ, во последните 20 години, 42 земји се автократизирале, додека само 13 земји го минале обратниот пат, од автократски или хибридни режими станале демократски!
Дали сме сведоци на интензивирање на тој процес? Уште повеќе што во текот на 2024 година на избори треба да излезат четири милијарди луѓе (!) од кои некои можат да влијаат на забрзување на тој тренд. Ова секако важи за изборите за Европарламентот, а највеќе за изборите во САД.
Веќе лани видовме дека едно од леглата на демократијата, Холандија, лесно може да биде ставена во оној тас на недемократски држави. Особено кога политичарот – победник Герт Вилдерс, од градот кој беше синоним за максимална толеранција на човековите слободи, Амстердам, додуша често и со чувства кај набљудувачите дека при тоа се претерува кај толеранцијата за некои пороци, успеа да состави влада, што засега не е целосно извесно. Неговата Партија на слободата (!) освои 36 места во Парламентот, а му требаат 76 што е еден доста амбициозен потфат.
Изборите во Словачка завршија онака како што во Брисел највеќе се плашеа, а таму највеќе гласови освои Роберт Фико, кој во претходен мандат беше обвинет дека нарачал убиство на новинарот Јан Куцијак. Додуша, во трка беа три десни партии, сите повеќе или помалку проруски, додека само една беше проевропска и десноцентристичка.
За изборите во Аргентина и нивниот исход не треба да коментираме многу – победи човекот кој вети дека ќе стави динамит под темелите на тамошната Народна банка (!).
Како неофашизмот во Италија „легна на брашното“
Факт е дека некогаш изборните повици не се еднакви на практикувањето на власта, што може да ни помогне примерот со исходите на само некои од изминатите резултати во последните години. На пример, Џорџа Мелони дојде на власт во Италија преку оживување на митот за фашистот Мусолини, но таа мораше да се вклопи, да се прилагоди на најголемиот дел од практиките во водењето на државата на своите претходници. Дали Италија се промени од корен, како што велеше Мелони? Не би се рекло. Барем засега. Ја прифати и Унијата, иако успехот кај гласачите се должеше и на отпорот кон европските политики. Ја прифати и политиката на отпор кон руската агресија врз Украина.
Веројатно, истото би се случило и со Ле Пен во Франција, доколку таа своето дишење во вратот на центристите, кои ја водат државата со децении, успее да го реализира во некоја идна победа.
Демократиите се издржливи како и оние стари чевли кои нема никогаш да нѐ изневерат, или барем нема да донесат неизвесност со кројката за нозете на дотогаш незабележаниот автократ. Затоа, се вели дека демократиите имаат стабилни темели.
Стабилизација само при диктатура
Многумина што ги следат триковите со Уставот од страна на Путин, со чија помош тој бесконечно останува на врвот на неговата лична автократија, создавајќи привид на формално „чистите избори“ од кои навреме се отстранети противкандидатите кои нешто вредат и можат да бидат вистински конкуренти за претседателското место.
Дали ако Путин ненадејно почине (сепак е во години кога нема ништо ненадејно на планот на здравјето, нели) демократијата лесно ќе се врати? Дали Русија воопшто има столбови на демократијата за да настане пресврт од тој вид? Спикерот на Думата Вјачеслав Володин неодамна изјави дека е невозможно Русија да постои без Путин, споредувајќи ја евентуалната смрт на претседателот со некаков Армагедон….
Тие драматики постоеја и кога почина Сталин во март 1953 година, секако и после смртта на Брежњев (1982 г.), кога неговите заменици Черномирдин и Андропов (1984) не поминаа славно. Тука е секако и Горбачов, врз кого во 1991 година беше извршен неуспешен пуч, а оној кој го спаси – Елцин, потоа ја презеде власта и во 2000 година му ја предаде „на тацна“ на Путин, со кого настанува „стабилизација“.
Наравоучение – Русија може да има наводна стабилност само кога во неа владее самовластие од највисок ранг, инаку лидерите ќе се менуваат бргу, откако некои ќе каснат сомнителен оброк од риба…
Груевски го бараше својот Медведев
Ова секако не води кон она што лесно може да нѐ вознемири и нас кои сме исправени пред нови парламентарни избори кои можат да се наречат како шанса за враќање на автократскиот поредок кој постоеше во некои од изминатите децении од самостојноста на државата! Имаме недоволни цврсти темели на демократијата (судство на најниски гранки, Парламент кој постојано е под некоја блокада, медиуми врзани за само една елита која го негува националистичкиот приод во изградба на општеството), блокада на основната, евроатлантска насока на земјата, огромно влијание на путинистичките структури одвнатре и однадвор…
Впрочем, се чини дека Груевски се обиде да владее во оние негови 11 години кога беше на премиерското место и нешто повеќе во партијата, само што тој не го најде својот Медведев за премиерското место заради спецификите на нашиот политички систем, туку го остави претседателот Иванов во два мандати да биде во функција на извршител на желбите на неговиот владин кабинет. Тоа се виде особено по недобивањето на можност да формира влада по изборите во декември 2016 година, кога од палатата на Водно се одолговлекуваше предавање на мандатот на социјалдемократот Заев, речиси до бесконечност, наспроти евидентната уставна криза во земјата.
Поставувањето на минорен играч на политичката сцена на чело на сега опозиционото ВМРО-ДПМНЕ (Христијан Мицковски) секако веќе наликуваше на користење на моделот „грејач на фотелјата“, модел кој требаше да биде значаен заради планираното бегство во странство. Но тој модел пукна штом амбициите на актуелниот партиски претседател пораснаа, а времето на чекање за Груевски (по бољшевичкиот модел – „Ленин во Швајцарија“ односно „Ленин во Финска“ пред Октомвриската револуција), а по интервјуто на Мицковски за еден познат германски весник („ФАЦ“).
Ова епизода секако не ја растoварува претставата дека ние, сепак, имаме соочување со дилемата – дали нашите гласачи би се согласиле за враќање на земјата во старите прегратки на авторитарно владеење?
Враќање во старите прегратки по изборите?
Најпрвин треба да се констатира дека реалното доаѓање на Груевски на власт настапи дури после изборите во 2008 година кога нашето невлегување во НАТО му овозможи тој комплетно да заврти кон целосна промена на националниот (етничкиот) идентитет, со користење на симболите на античка Македонија. Да се направи таков пресврт за максимално кусо време (помалку од една година) е навистина голем успех кој заслужува посебни анализи. Особено затоа што, освен што за Македонија тоа значеше завртување кон нови надворешно-политички врски (главно заврши со создавање на многу непријателства на меѓународен план), таа амбиција претпоставувала и создавање на нова политичка елита. Бидејќи, да не заборавиме дека тој режим што го имавме секогаш се базира на две константи – народ во некаква идеолошка заблуда и издвоена елита која е зад активностите на властите или е дел од неа.
Постојат многу анализи на груевизмот, а една од тие ни ја претстави македонската редакција на Дојче Веле, споменатата книгата на Фабио Матоли „Мрачни финансии: неликвидност и авторитаризам на маргините на Европа“ преку перото на Љупчо Поповски. Матоли е предавач по социјална антропологија на Школата за социјални и политички науки на Универзитетот во Мелбурн.
Неговиот интерес – објаснува Поповски – за научно проучување на груевистичките години не е поврзан само со оваа книга. Тој имал објавено петнаесетина научни статии за она што го нарекува „авторитаризмот во Македонија“ во различни списанија – од научни до политички.
Трудот „Мрачни финансии“ како врв на целото тоа негово истражување е издаден од престижниот американски универзитет Стенфорд во 2020 година. А Поповски посочува на рецензијата, која за книгата ја дава Кит Браун од Државниот универзитет на Аризона: „Ова е една од најпривлечните, најубедливите и најстудените анализи за местото на Северна Македонија во глобалната економија и циничната експлоатација на народот од неговата избрана влада, што сум ја прочитал во последната деценија“.
Матоли вели дека преку проектот (дизниевски го нарекува!) „Скопје 2014“, Груевски врз себе го врзува силно интересот на градежниот сектор.
Моќта на парите на овој сектор (да се сетиме само зошто Минчо Јорданов ја изгради сегашната партиска палата на ВМРО ДПМНЕ на свој трошок) беа доволни да се обезбеди финансиска поткрепа за оние околу себе. Затвореноста која ја форсираше Груевски кон меѓународниот финансиски пазар направи светската криза во 2009 година да не нѐ допре (што, нели, беше читана од македонските вазални медиуми, и тогаш речиси сите на број, како успех на неговата економија која практично и не постоеше како концепт освен ограбувачки!), за од друга страна, после кризата, да го привлече вниманието на европските инвеститори, за промена би рекле. Во тој период, (но се сеќаваме како нагло секнаа берзанските трансакции што едно време беа дури и професија за многу „слободни уметници“ кај нас) веќе се креираше тоа финансиско јадро околу новоизградената палата „Татарчев“.
Груевски се обиде да го врзе за себе кинескиот капитал, а видовме нели како тоа заврши со автопатот Кичево – Охрид, колку се оддолжи кај автопатот Скопје – Свети Николе – Штип (мораше да помине како обврска на новата власт после 2017 година). Сепак, ја имаше поддршката на ЕУ и САД сѐ додека – како Вучиќ во соседството сега – ги влечеше за нос странските опсервери дека ќе го реши спорот со Грција, што беше невозможно, бидејќи, како и тоа да се случи би требало да се одрекне од својата клучна политичка линија: антиквизацијата!
Груевски и идеологијата на домаќин
Нема тоталитаризам или хибриден режим без некаква специфична идеологија, обично десничарска. „Најуспешните популисти го комбинираат популизмот со некоја друга идеологија, таканаречената идеологија на домаќин, (ние би рекле нешто како изворна, првородена, од страна на политичкиот лидер) пишува Бенџамин Мофит во својата книга „Популизам: клучни концепти во политичката теорија“.
Карл Мад во книгата „Популизам“вели едноставно: потребно ви е да имате сиромашен народ и многу расипана елита. Секако дека ние тоа го имавме. На тоа кумуваше и фактот дека во периодот помеѓу 2007 и 2015 година јавниот долг на Северна Македонија се зголеми од 20% на БДП на 46%. Ова во својата анализа, да се вратиме на неа, го кажува Матоли во „Мрачни финансии“, во анализата на груевизмот. Би додале и тоа во услови на многу високи камати (услов меѓународните финансиери да ја смират инфлацијата), а голем дел од тој товар го прими на своите гради новата власт на Заев и сега на Ковачевски како борч на државата!
Што ова кажува во однос на околностите во кои ги очекуваме на следните избори? Дали Македонија ќе направи голем рикверц како и многуте земји кои влегуваат во избори или ќе успее да го одбрани евроинтегративниот пат? Оној истиот кој очевидно не и одговара на домашната градежна мафија, што се виде со огромната кампања против изградбата на коридорите од странски инвеститор! На таа елита ѝ одговара само една затворена, клаустрофобична економија која ја гледаат во идната влада на Мицковски. Народот лесно ги заборава фактите дека могулите на затворената економија го извезоа својот лесно стечен капитал, стекнат со ограбување надвор од земјата. Капацитетите изградени во Ростов на Дон сигурно го сведочат тоа. Како пример! И луѓето што се на црната листа на САД секако покажуваат дека се барем под буден надзор на нивните финансии што ќе излезат надвор од границите.
Добиените локални избори на сегашната власт во 2017 година беа до сега најчистите избори во земјава. Но, ги имаме и последните во кои, како што посочи и самиот Заев, градежната мафија вложи 200 милиони евра. Влогот за добивање власт сега е подигнат, секако. Има толку работи за кои треба да се внимава за се добијат фер избори.
Опозициската поставеност на Мицковски – со многу слабости
Проблемот кај Мицковски е секако што никако не може сам да се вкотви со некаква идеолошка матрица каде би бил „домаќин“. Антибугаризмот го одвојува во најстарото вмровско јадро. Судирот со Груевски и препуштањето на толпите со знамето од Вергина на неговите поситни коминтенти го одвојува и од груевизмот за што постојат и други моменти (интервјуто со ФАЦ), а тој на тоа сега посебно е мотивиран после сенката на Палчевски врз неговата кариера! Судирот со градоначалникот на Карпош покажува дека им се замерува и на клучните „градители“ во градот, но и во земјата, што лесно може да го лизне во последен миг пред мајското изјаснување на бирачите. По неговото портретирање како „продавач на автомобили од кого никој нема да купува ништо“ и да не говориме за неговите меѓународни перспективи. Често исфрла спинови кои имаат лош одраз врз меѓуетничките односи што го прави тежок за барање коалициони партнери…
Но да не се лажеме – тој сепак пробал од јаболкото на груевизмот и нема да нѐ води кон спокојството на демократското функционирање на државата. А тоа би требало да е најважно од аспект на граѓанското општество.
Мицковски, сепак, се надева на светските трендови во политиката кои можат да му дуваат во грбот и на своите наместени анкети. Ако овие „симптоми“ не се доволни, можеме да бидеме сигурни дека набргу уште полесно ќе се распознаваат контурите на претстојната (изборна) приказна.
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА. Текстот е личен став на Авторот.