„За сите државјани на Северна Македонија кои се санкционирани од Стејт департментот на САД, треба да има уставна забрана за учество во јавниот политички живот“, вели за „Фронтлајн“ – правникот и политички аналитичар Ќенан Алиу, говорејќи за иницијативата за усвојување на закон кој ќе им забрани на санкционираните од црните листи на САД, ЕУ и ОН да извршуваат јавни функции.
– За да се ограничи кандидатура за јавни функции во централната и локланта власт, на лицата вклучени во „Црната листа“, добро би било да има посебен амандман во Уставот. Во Северна Македонија, не само на оние кои се наоѓаат на американската „црна листа“, туку и на лицата кога барем се под истрага, треба да се ограничи правото да се натпреваруваат на избори или да бидат именувани на јавни функции. Овој проблем треба да се дефинира еднаш засекогаш, оценува Алиу.
Според него, таков предлог-закон бара правна номотехника за пишување за да не се судри со одредбите на Уставот.
– Фундаменталниот постулат во правдата е презумпцијата на невиност. Значи, додека нема правосилна пресуда, лицето се третира или како осомничено или под истрага или под обвинение, подвлекува тој.
Од друга страна, „Фронтлајн“ од дипломатски извори дознава дека до средината на оваа година американската „црна листа“ ќе се прошири и со други лица. Нашиот извор не соопштува дали новите ликови кои ќе се најдат на американската листа ќе бидат од сферата на политиката или бизнисот.
Во ноември 2023 година, Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, најави дека покренала иницијатива во Владата да се пристапи кон законски измени кои ќе оневозможат лицата кои се на листата на санкции на САД, на Европската Унија и на Обединетите Нации да бидат на каква било позиција или да се вработат во администрацијата.
Таа истакна дека се неопходни измени кои ќе предвидат дека доколку на некој функционер, кој што во моментот е на позиција, му биде изречена таква санкција, мандатот веднаш да му прекине.
– Затоа што однесувањето како ништо да не се случило, после изрекувањето на таквите санкции ја урива довербата во институциите и не придонесува кон градење на систем во кој што граѓаните можат да имаат доверба. А корупцијата ќе ја намалиме драстично во оној момент кога ќе се види дека системот функционира непристрасно и има казнивост и санкции за сите оние кои прекршиле етички и морални норми, изјави Грковска.
Паралелно со зајакнување на критериумите за носителите на функциите е и Предлог за измени и дополнувања на Законот за рестриктивни мерки, со кој, покрај правно обврзувачките резолуции на Советот за безбедност на ОН и правните акти на ЕУ, ќе се додадат и мерките на САД, како основ за законски рестриктивни мерки.
Целта на Законот за конфискација на имот е да се докаже дека со санкционирањето на вакви лица, корупцијата е неисплатлива и дека имотот што го стекнале на незаконски начин ќе биде одземен во законска процедура и ќе биде вратен назад на граѓаните. Преку овој закон, во ситуација кога нема доволно елементи за покренување на кривична постапка, во граѓанска постапка да може да се санкционираат лица кои имаат драстична разлика во она што го заработиле, од официјално пријавените приходи.
Дел од американската „црна листа“ беа околу 12 имиња, главно политичари, но од април 2022 година беа додадени поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.
Кочо Анѓушев е последниот од низата македонски државјани што неодамна беа ставени на американската црна листа. На неа, во ноември минатата година се „закачија“ рускиот бизнисмен што престојува во Македонија, Сергеј Самсоненко, и неговата сопруга Ирина. Нивните имиња во судските списи влегоа преку предметот познат во јавноста како Плацеви на Водно, во кој поранешниот премиер Никола Груевски, кој истото така е ставен на црната листа, е осуден за нелегалното купување на плацеви на Водно со злоупотреба на партиските донации. Името на Ирина Самсоненко се појави во сопственичката структура на една од фирмите на контроверзниот бизнимен Јордан Камчев „Систина Лајф Кеар центар“. Купопродажбите на земјиште и фирми, и финансиските трансакции меѓу брачната двојка Самсоненко и Орце Камчев споменати во соопштението на американското Министерство за финансии беа опфатени со случајот Плацеви на Водно.
Исто така, под санкции американските власти ставија и пет фирми од земјава: „Бет сити интернешнал“ која е поврзана со Сергеј Самсоненко и Јордан Камчев, потоа „Камчев Консалтинг“ поврзана со Ратка Куноска-Камчева, „Орка Финанс“ исто така поврзана со Ратка Куноска-Камчева, „Орка Холдинг“ со Јордан Камчев, и „Систина лајф кеар центар“ чиј управител е Ирина Самсоненко. Тогаш, забрана за влез во САД доби и мајката на Орце Камчев, Ратка.
На „Црната листа“ се „закачи“ и актуелниот градоначалник на Струга Рамиз Мерко заради корупција и коруптивни активности кои ги засегаат институциите во државата.
Кои други луѓе се дел од оваа листа?
Абдул Јашари, познат како Ал Албани од Скопје, кој е поврзан со терористичката организација Фронт Ал Нусри од Сирија. На листата се и Љубе Бошкоски, Мендух Тачи, Џеват Адеми, Гафур Адили, Нури Беџети, Невзат Халили, Џавит Хасани, Кастриот Хаџиреџа, Џемаил Хисени, Даут Реџепи, Џезаир Шаќири… Овие лица беа наведени на „црната листа“ за вмешаност во шестмесечниот вооружен конфликт во Северна Македонија од 2001 година.
Македонија е обврзана да ги применува рестриктивните мерки донесени единствено од Обединетите Нации. Додека санкциите од европската и американската листа можат да станат извршни само со одлука на владата.
Дестан Јонузи