„Минатата недела можевме со конкретни примери да се потсетиме што значи ВМРО на власт и што значи режим! Што значи кога медиумите ќе се стават на страна на една политичка партија. Што значи кога вработени во МВР тепаат свои колеги само затоа што си ја извршувале својата работа. Што значи кога член на обезбедување на нивниот прв човек ги тепа своите колеги, овие не смеат ни да пријават дека се тепани. Два дена не смее да направи внатрешна контрола извештај таму“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски при отворањето на изборен штаб во Кисела Вода.
Тој додаде дека ова се потсетници за граѓаните за тоа што се случуваше во 11 години власт на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ама една работа забораваат, СДСМ е прогресивна партија, СДСМ не е партија на капиталот, СДСМ е партија на трудот. СДСМ е левицата на оваа држава. СДСМ е центарот на оваа држава. СДСМ е на синдикатите, се работниците, СДСМ се граѓаните. СДСМ се пензионерите и студентите. Истите тие кои до 2016 година беа малтретирани и тепани по плоштадите и библиотеките, сите тие се СДСМ. И не постои капитал, не постојат пари кои можат да јапобедат таа волја за напредна и просперитетна држава која што само со нас може да ја имаат граѓаните“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ истакна дека владата која што тој ја предводеше две години работеше и обезбедуваше поголеми плати и пензии, а опозицијата две години само блокираше, кочеше за на крај да се блокираат и самите себеси, кога предложија министри кои не ги гласаа.
„За неполни 3 недели колку што имаат министри во Влада, го покажаа вистинско лице, нема никаква промена. Веднаш гледаат граѓаните, изјави дека ќе било хорор, закани, тепачки по автобуси, истепан полицаец. Нема никаква разлика меѓу она ВМРО-ДПМНЕ со Груевски и ова сега со Мицкоски. Тоа е иста матрица, истите техники, исти луѓе, истите структури, само се различни луѓето што ги спроведуваат“ рече Ковачевски.