„Ќе ви кажам зошто ВМРО-ДПМНЕ во Струмица брутално ќе изгуби. Затоа што повторно се затвара во таа капсула на партизација на институциите во државата. Конкретен пример, кога одреден министер, дополнителен министер макар и во техничка влада го посетува градот, покрај тоа што е дополнителен министер од ВМРО-ДПМНЕ сметам дека и тоа како имаме што да разговараме за предизвиците со кои ние се соочуваме како општина. Дали знаете дека дополнителната министерка за финансии дојде во Струмица во посета на неколку компании и држела прес-конференција од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. За разлика од нејзе, било кој министер кога оди во посета во општина којашто е менаџирана од градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ секогаш министерот или министерката се сретнувале со градоначалникот каде што сметам дека има што да се сподели во однос на проблемите со кои се соочува општината. Сите се добродојдени во Струмица. Имаме што да споделиме. Јас така ја замислувам мојата држава како една нормална земја којашто стреми да биде интегрирана во европското семејство. Се друго води кон партизација на институциите“, изјави градоначалникот на Струмица и член на ИО од редовите на СДСМ Коста Костадинов на емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24.
Костадинов рече дела ќе се повтори сценариото од претходните претседателски избори каде победа ќе издвои кандидатот на СДСМ
„Радува фактот што имаме повеќе номинации за претседатели на државата. Не сметам дека било што е пропаднато, дека било какви коалиции или поддршки се пропаднати. Се уште сето тоа е во фаза на номинации, да помине низ внатрепартиските тела и органи на партиите, треба да имаме посебен конгрес за кандидат за претседател на државата. Јас очекувам дека ќе се повтори сценариото од претходните претседателски избори каде нормално победа ќе издвои кандидатот на СДСМ“, изјави Костадинов.
Во однос на одлуката на ДУИ да излезе со свој кандидат и покрај фактот дека е во коалиција со СДСМ, Костадинов одговори дека се работи за политички стојалишта на една политичка партија.
„Нормално дека коалициските партнери, па и другите партнери кои не се дел од коалцијата, треба да разговараат во однос на тоа што значи стратешка поставеност на постоечка коалиција и на можна коалиција. Тоа е сосема легитимно и не е воопшто ниту опасно ниту страшно, нештата да се договорат или да не се договорат“, подвлече Костадинов.
Тој додаде дека она што е важно да се потенцира е дека сепак клучни политички фактори во државата ќе бидат двете партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ останува отворена за разговори за се што е важно за државата и за зајакнување на коалицијата, заклучи Костадинов.