Пишува: ТОНИ ПОПОВСКИ
Препознавањето и критичката анализа на политичките тактики е од суштинско значење за одржување на информирано и ангажирано граѓанство во демократските општества вклучувајќи го и македонското, кое сеуште е во фаза на демократско матурирање. Притоа, клучен предуслов за критичко размислување и навремено препознавање на недемократски тенденции и превенција од враќање кон аворитарни модели на владеење е да се негува граѓанска политичка култура и да се зајакнува граѓанското образование. Битно е да се нагласи и дека токму демократски еманципираното граѓанство е бариера за злоупотреба на демократијата од авторитарно насочени партиски бази на крајната левица и десница во политичкиот спектар. Впрочем, една од првите лекции во граѓанскиот демократски курикулум е да се препознае употребата на симулакруми и симулации во политичката понуда, особено во период на избори.
„Симулакруми и симулација“ е еден од најзначајните филозофски трактати напишани во втората половина на минатиот век. Во ова дело од 1981 година, филозофот и културен теоретичар Жан Бодријар, ги анализира односите помеѓу реалноста, симболите и општеството, а особено значењата и симболиката на културата и медиумите, вклучени во градењето на разбирање за заедничкото постоење. Во ова капитално дело, Бодријар тврди дека сегашното општество ја заменило целата реалност и значење со симболи и знаци и дека човечкото искуство е симулација на реалноста.
Преведено во термини на современата политика, политичкиот симулакрум се однесува на манипулација со слики, симболи или наративи за да се обликува јавната перцепција, да се контролира дискурсот и да се освои и задржи политичката моќ. Визуелизацијата на политичката кампања, гестовите и говорите целат кон масовна прифатливост и осигурување поддршка за кандидатите, нивната личност и наратив, проследено со пропаганда и спинови со цел да се изманипулира јавното мислење во сопствена полза. Како што може да согледаме и во македонската изборна стварност, овој пристап вклучува ширење на погрешни информации, врамување прашања на тенденциозен начин или користење на нагласено емоционални повици за да се обликуваат наклонети чувства на јавноста и избирачите. Истовремено, со новите дигитални техологии и социјалните медиуми, создадена е овозможувачка околина за пласирање на ефективни политички симулакруми. Вратата за дезинформации и лажни вести е целосно отворена и создадени се ехо комори каде што поединците се изложени само на информации што ги зајакнуваат нивните постоечки верувања.
Изборите се најголемиот политички спектакл во едно демократско општество. Сите оние кои очекуваат во изборен период да слушнат суштинска политичка дебата практично се’ во заблуда, бидејќи вниманието на учесниците во политичкиот натпревар е насочено кон театралноста и драмата на политичкиот спектакл на спротивставените симулакруми. Иако употребата на симулакрумите не е инхерентно негативна, таа станува проблематична кога ја прикрива вистината, ги поткопува демократските процеси или служи за консолидирање на моќта на сметка на јавната благосостојба.
За илустрација може да послужат неколку проблематични и сами по себе многу ризични симулакруми кои беа пласирани на партиската Конвенција на ВМРО-ДПМНЕ од страна на Силјановска – кандидатка за Претседател на Републиката и Мицкоски како нејзин партиски ментор, со една и единствена цел, да се негуваат поддржувачки сентименти на пркос, инает и страв кај избирачите. Силјановска упати критика за „севернизација“ на Уставот особено задржувајќи се на нереципрочната одредба за немешање во внатрешните работи на други држави, како имплицитна национал-патриотска критика на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, договори кои овозможија фактичко зачленување на Републиката во НАТО и почеток на преговорите за пристапување во ЕУ. Тука симулакрумот е во презентирањето себеси и партијата која ја поддржува, како одлучувачка сила и фактор кој ќе го видоизмени Уставот и наведените договори. Критиката на Силјановска продолжи со укажување дека обврски за другите страни не се наведени во билатералните договори, занемарувајќи го целосно фактот дека во рамката за преговори е ефикасно превенирано вградување на засебно поглавје со одредници како што е случај во рамката за преговори на Србија, а поврзано со Косово. На ова надоврзана и шпекулацијата дека државата е хибриден режим на граница со авторитарното и покрај тоа што во најреномираниот индекс на Економист сме рангирани како демократија со недостатоци, односно над прагот за хибридни режими. Можеби и клучниот пласиран симулакрум кон противкандидатот Пендаровски е тој за неговата понизност, со која според Силјановска „ја урнисал нашата преговарачка позиција“, кулминирајќи со директно префрлање за понизност на Пендаровски кон меѓународната заедница. Тука реалноста е сосема спротивна имајќи го во предвид суштинскиот ангажман на Пендаровски за нашето зачленување во НАТО, отфрлањето на првиот француски предлог (заедно со Владата) како недвосмилена одлика на храброст и одлучност, а не на понизност како што имплицира контракандидатката, и на крај придонесот за доаѓање до европски компромис во кој фактички не се содржани барањата од рамковната позиција на владата на Борисов и Каракачанов. Надоврзано на ова и целосното уважување на македонскиот јазик од страна на Европската Унија, фактички потврдено преку потпишувањето на договорот за ФРОНТЕКС.
На овие искажувања се надоврза Мицкоски со познатите симулакруми за изложеноста на уцени, диктати и туѓи агенди и дека е „доста од потценување“, односно дека државата треба да се врати на народот, а во суштина на истомислениците и „политичкиот“ народ на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски повика и да се запре со експериментирање со идентитетските основи на европскиот пат, на кој наводно партијата е безалтернативно посветена. Овој симулкрум наменски се пласира за да се создаде пркос и инает кај избирачите и следствено да ја поддржат неговата партија како предводник на отпорот на „бугарскиот диктат“ и континуираните условувања на европскиот пат. Овие наративи кои најдиректно поттикнувааат дефанзивни емоции всушност немаат врска со реалноста бидејќи тоа што Мицкоски го нарекува „уцена и диктат“ е компромис со ЕУ односно со сојуз на држави кон кој и според Мицкоски безалтернативно треба да се движиме. Тука фактичкиот парадокс наспроти симулакрумот, е дека токму Мицкоски со својата политика на пркос и инает кон ЕУ и САД ефективно го запре нашиот пат кон ЕУ, и дека токму агендата чија цел е застој на нашите преговори како и на тие на Србија, Косово и БиХ, е впрочем витална агенда на една силна трета замешана страна во Западниот Балкан, Руската Федерација на чело со Путин. Сето ова проследено и со процеси кои реално ќе се случат поради застојот во преговорите како што е економското уназадување, осиромашување поради потешко управување со инфлацијата, иселување кон Запад и претежно со бугарски пасоши, а со самото тоа и најдиректно идентитетско обезличување (на кое Мицкоски гласно се противи), па се до ризикот од одвојување на Албанија и наше лоцирање во друштво со нестабилните БиХ и Косово, последново и со сериозен ризик од подрастично влошување на меѓуетничките односи бидејќи исчекорената Албанија ќе зајакне како точка на гравитација за Албанците кај нас.
Сето ова сѐ сериозни предизвици кои бараат одговорен пристап и политички лидери кои заедно ќе се нафатат да ги адресираат, и притоа ќе се воздржат од нудење на извртена – симулирана стварност за политичка поддршка. Во спротивно и особено доколку во голема мерка се отуѓиме од целите на надворешната политика на нашите западни стратешки партнери, многу лесно можеме да влеземе во период на внатрешна дестабилизација, со нагласени економски но и други последици.
Преземено: Рацин.мк