Во тек е постапката за собирање потписи за кандидатите за претседателските избори. Досега, според Државната изборна комисија, седум кандидати достигнаа над 10.000 потписи. Еден од кандидатите нема ниту еден потпис.
Кандидатот и актуелен претседател Стево Пендаровски до вчера имаше собрано 21.852, а Гордана Силјановска – Давкова 28.029 гласови, известија од ДИК за МИА.
Претходно, потребниот број на гласови ги собраа и кандидатот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Бујар Османи, Арбен Таравари од опозицискиот блок „Вреди“, Максим Димитриевски лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија, Билјана Ванковска Цветковска кандидат на Левица и претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски.
Димитриевски има освоено 11.601, Османи 11.085, Јакимовски 10.887 потписи, Таравари 10.709 потписи и Ванковска Цветковска 10.432.
Сите останати пријавени кандидати за шеф на државата имаат помалку потписи – кандидатката Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз има 1.596, кандидатот Вело Марковски – 1.466 потписи, Ѓорѓи Манасков – 429, Зорица Цветковска – 204, Господин Попоски има 119 потписи. Според податоците од ДИК, во овие пет дена, ниту еден потпис нема за кандидатот Томе Николоски.
Потпис за подносителите на кандидатура за претседател на државата оставиле вкупно 108.409 граѓани.
Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март до полноќ.
Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.
Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ.
Ј. Ѓ.