Борбите помеѓу про-украинските милиции против Кремљ и руската армија се водат во пет населени места во близина на границата со Украина, изјави на 13 март Олекси Барановски, борец на Легијата на Слободата на Русија.
Легијата на слободата на Русија и друга милиција, Сибирскиот баталјон, на 12 март ја преминаа границата со Русија од Украина за да спроведат борбени операции во областите Белгород и Курск. И двете анти – Кремљ милиции објавија видеа на нивните платформи на социјалните медиуми на кои наводно се прикажани нивните соодветни групи кои дејствуваат во Русија. Легијата на Слободата на Русија тогаш тврдеше дека го презела под контрола селото Тјоткино во Курската област.
Легијата започна со упади во Белгородската област во мај 2023 година. Барановски рече дека сега руската армија била добро подготвена за новиот упад во регионот, бидејќи „таму се појавиле дополнителни утврдувања и ископале различни ровови“. Кијив Индипендент не можеше да ги потврди тврдењата на Барановски.
Легијата на Слободата на Русија ги повика жителите на областите Курск и Белгород кои живеат во близина на воени објекти да се евакуираат, објави Украинска Правда.
„Постои закана за воените објекти во областите Курск и Белгород. Ги предупредуваме жителите на овие области, особено оние што живеат во станбени згради лоцирани во близина на воени единици и воени објекти, дека треба да заминат“, изјави Алексеј „Лјутик“ Барановски за Украинска Правда.
Според него, војниците на Легијата првенствено користат нападни беспилотни летала за да ги таргетираат овие објекти.
Запрашан дали Легијата е подготвена за „марш кон Москва“, Барановски објасни дека тоа нема да се случи утре.
„Ова е голема стратешка задача што ќе биде спроведена порано или подоцна. Сега, времето сè уште не е дојдено; ситуацијата сè уште не е развиена“, рече борецот.
Барановски разговараше и за претстојните претседателски избори во Русија на 16 и 17 март, кои се одвиваат под присила и на окупираните територии во Украина, и кои треба да ја зацврстат контролата на рускиот претседател Владимир Путин на власт.
Нападите беа „темпирани со таканаречените избори“, рече Барановски и ги нарече борбите како „метод на гласање“. “Ние, како грижливи граѓани на Русија, така одлучивме за нашата политичка волја, нашиот однос кон овие избори и режимот на Владимир Путин, додаде Барановски.
Путин во интервју за руската државна новинска агенција, РИА Новости и ТВ каналот Русија-1 на 12 март изјави дека не се сомнева дека главната цел е, ако не и да се попречат претседателските избори во Русија, тогаш барем некако да се попречи во нормалниот процес на изразување на волјата на граѓаните.
Иако ова не е прв пат единици составени од Руси кои се борат за Украина, да преминат на руска територија, својот прв налет овој пат го имаше една нова формација, позната како Сибирскиот батаљон.
Најавен во октомври и со обука во текот на зимата, во упадот, заедно со претходно формираната Легија на Слободата на Русија учествуваше и новиот Сибирски баталјон.
Според Кијив Индипендент, Сибирскиот баталјон е третата про – украинска единица формирана исклучиво од руски државјани кои сакаат да се приклучат во борбата против режимот во Кремљ. Баталјонот првенствено беше наменет за етничките малцинства кои доаѓаат од Сибир, вклучувајќи ги Бурјатите, Јакутите, Туванците и други.
Сибир, ладен северноазиски регион кој покрива 77% од територијата на Русија, е дом на различни етнички малцинства кои во голема мера беа обесправени од руската држава.
Девет од 10-те најсиромашни руски региони во однос на БРП (бруто регионален производ) по глава на жител, се региони со значително малцинско население. Од нив, пет се наоѓаат во Сибир.
Додавањето на уште една руска единица во украинските вооружени сили е повеќе за информациска војна отколку за зголемување на капацитетот на бојното поле на Украина, велат експертите.
„Руските доброволни баталјони кои се борат заедно со Украинците се аспект на војната што може да има мала директна разлика на линијата на фронтот, но ќе има непропорционално влијание во однос на информативните активности, моралот и влијанието врз населението на Русија и нејзиното раководство“, , изјави за Киев Индипендент Кеир Гилс, висок консултант на Чатам хаус програмата за Русија и Евроазија.
Драган Мишев / Цивил Медиа