Ноќеска на полноќ заврши рокот за поднесување кандидатски листи за изборите за пратеници на 8 мај.
Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК) листи за пратеници за сите шест изборни единици до синоќа до 22 часот поднесоа коалициите предводени од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Храбро за Македонија предводена од ГРОМ, коалиција Македонска ера трета сувереност, Европски фронт предводен од ДУИ, партијата ЗНАМ и Работничка партија. Листи поднесоа и партиите Родина, потоа Аваја за Третата, Четвртата, Петата и Шестата изборна единица и Твоја за Првата, Втората, Третата и Четвртата изборна единица.
Единаесетите парламентарни избори во земјата се редовни и ќе се одржат на 8 мај. Кандидатите ќе се „натпреваруваат“ за 120 пратенички места во собранискиот состав 2024-2028 година.
Во изминатите денови партиите ги промовираа носителите на листите за пратеници и листите, како и програмите за парламентарните избори.
Редоследот на гласачкото ливче на коалициите и партиите ќе биде под ист реден број како и за претседателските кандидати, додека за останатите партии ќе се изврши дополнително жребување во Државната изборна комисија, согласно последните измени на Изборниот законик.
На редовните парламентарни избори гласање нема да се спроведува во дијаспората, додека за претседателските избори ќе се гласа.
ДИК вчера на седница го заклучи и Избирачкиот список за парламентарните и за претседателските избори.
Во Избирачкиот список за парламентарните избори запишани се 1.815.350 избирачи, додека за претседателските избори 1.814.317 избирачи.
Во избирачките места со помалку од десет избирачи, гласањето ќе се спроведе во најблиското избирачко место со запишани над 10 гласачи.
Претседателските избори во земјата ќе се одржат на 24 април, додека вториот круг од изборите се очекува да се одржи на 8 мај истовремено со вториот круг од претседателските избори.
Изборната кампања за претседателските избори почнува утре, а завршува на 22 април, додека кампањата за парламентарните избори почнува на 18 април и завршува на 6 мај. За првпат досега ќе има преклопување на кампањата за двата вида избори.
Вчера, претседателските кандидати Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова, Максим Димитриевски, Бујар Османи, Арбен Таравари и Билјана Ванковска го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, додека Стевче Јакимовски одби да го потпише поради тоа што беа откажани мастер дебатите на претседателските кандидати.
– Навистина е чудно на локални избори одиш на три дебати каде што разговараме за канализации, водоводи и паркови, а кога разговараме за битни државни прашања да немаме ниту една дебата. Мене ми е жал што јас ова го кажувам. Кодексот ќе го почитувам, меѓутоа ако немаме дебати, нема да го потпишам, рече Јакимовски.
Останатите канадидати ставија потпис и се обврзаа дека кампањата ќе ја водат согласно Кодексот, иако дел од нив изразија скепса и реагираа што мастер дебатите кои требаше да се одржат, се откажани. По ова реагираше Државната изборна комисија.
Членот на ДИК Борис Кондарко на почетокот на 92. седница во процедурално обраќање посочи дека ДИК не организира политички јавни дебати, не ги определува правилата на игра и нема да дозволи никакви влијанија и мешање ниту на партиите, ниту на кандидатите.
– ДИК не е ниту политичка партија, ниту политички противник на кој било од кандидатите и со оваа реакција нема намера да им прави никаква промоција, но мора да реагира и не може да премолчи, затоа што од дел од кандидатите беа изнесени директни напади, притисоци и невистини за работата и одлучувањето на ДИК, рече Кондарко.
Како што посочи, ДИК не носи изборен закон и не ги определува правилата на игра, туку тоа го прави Парламентот.
Синоќа во Скопје на изборна конвенција беше претставен кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски, кој влегува во претседателската трка за втор мандат. За денеска во Скопје е закажана и презентација на платформата на претседателскиот кандидат на здружената албанска опозиција Арбен Таравари.
Пендаровски, кој е и актуелен претседател на државата, порача дека Македонија е можна како демократска и просперитетна држава само ако ги одржува витални двата стратешки континуитети – евроатланските интеграции и меѓуетничките односи.
За опозицијата рече дека нема донесено ниту една стратешка одлука за државата, посочувајќи дека наместо договорот од Преспа, нудела и нуди негово поништување, а како алтернативи предлага изолација или зачленување во БРИКС, организација во која нема ниту една европска држава, а еден од основачите е Русија.
– Пред три години кога со сите сили кои ни се на располагање работевме на модификација на Францускиот предлог, имавме тешки расправии со Софија за зачувувње на македонскиот јазик и идентитет, опозицијата отворено ги саботираше тие напори, а некои европски комесари, нивните стратешки сојузници, и тогаш и денес, кои им ја работат изборната програма, беа отворено на бугарска страна. На крајот од само за нив познати причини ги повикаа граѓаните на бојкот поради што 130 илјади Македонци во земјата и кој знае уште колку во дијаспората воопшто не се попишаа, рече Пендаровски.
Истакна дека поддржува ветинг на судиите и функционерите и дека го поддржува предлогот на опозицијата за ветинг на функционерите, но предлага да се провери имотот на функцонерите и нивните блиски не само во изминатите пет години, туку од 1990 година до денес.
– Не можеме да ги критикуваме другите, ако не погледнеме во нашите редови и не ги констатираме и нашите грешки. Грешки немавме во однос за стратешките прашања, но во однос на некои политики или кардовски одлуки, грешки имавме. Нашето најголемо потфрлање беше што застанавме на половина пат во реализација на клучниот слоган на единствената автентична граѓанска револуција „Нема правда, нема мир“. Во оваа смисла не можеме да го вратиме времето, но нужно е да се обврземе на целосен ветинг на сите судии и обвинтиели, но пред се на нас, политичарите. Сите кои намерно држат предмети во фиока или не можат да докажат како од плата заработиле милиони, треба да бидат разрешени од функциите и треба да лежат во затвор, а не да делат правда или да конкурираат за политички функции, рече Пендаровски.
За овие избори карактеристично е исто така што изборите ќе се одржат со апарати за биометриска идентификација на гласачите, како и дека ќе бидат во работен ден односно во среда.