Ќе успееме ли за помалку од четири години да направиме Скопје да блесне во сиот свој сјај и да го претставиме во најдобриот културен центар досега, како би можеле пред светот да се гордееме со титулата „Европска престолнина на културата“ во 2028?
Музичарот и продуцент Дориан Јовановиќ, за Скопје „Европска престолнина на културата“ 2028, во изјава за Фронтлајн вели „урбаниот хаос мора да има свој крај!“
„Скопје 2028 да биде чисто и средено, тоа е доволно. Сето друго повеќе, следува по тоа. Чисто, пред се! Едно излегување од Скопје и од Македонија, кога ќе се вратите назад првото нешто што ќе го забележите е ѓубрето (во различни форми и состојби) на сите страни: на улица, пред зграда/куќа, аеродром, на пат, на плоштад, на мост, под мост… Просто, насекаде! Ако сакаме овој град да биде достоинствена престолнина, пред сѐ треба да е чист. Следно, треба да е среден. Од таа неверојатна алчност по простор кој што ќе го изградиме со тотално неергономични згради, шопинг-молови, катни гаражи и сл. урбан декор, попатно, во и по процесот, околината ја правиме неиздржлива за живот и за движење, а за гледање воопшто да не разговараме. Во моментов во строгиот дел на центарот на Скопје има делови коишто се ‘така’ оставени скоро една деценија. Нашата грижа за просторот во којшто живееме, работиме, шетаме, се ‘журкаме’, славиме и тагуваме, завршува само на она што е на хартија наше. За сè друго немаме никаков однос. Урбаниот хаос мора да има свој крај, каков и да е. На толку убаво место на планетава сме, а го претвораме во дневна битка со навреда на сите сетила. Да тргнеме од тоа.
Ајде да ја нема таа битка, туку секој ден да си среќен што живееш на ова место, во оваа Престолнина – Скопје!“, истакнува Дориан Јовановиќ.
Текстот е дел од 13 изјави на уметници и културни работници собрани во „ризницата“ на темата со наслов: За Скопје „Европска престолнина на културата“ 2028 – Од улична некултура, до културна метропола.
Т. Иванова
Поврзано:
За Скопје „Европска престолнина на културата“ 2028 – Од улична некултура, до културна метропола