Северна Кореја денеска соопшти дека тестирала „супер-голема“ боева глава на крстосувачка ракета и нова противвоздушна ракета, пренесува АП.
Тестирањето на моќноста на супер-големата боева глава дизајнирана за стратешката крстосувачка ракета Хвасал-1 Ра-3 и пробното лансирање на противвоздушната ракета Пјолџи-1-2 се извршени вчера, објавија државните медиуми.
„Со пробното лансирање е постигната одредена цел“, објави КЦНА.
Се наведува дека тестирањата биле дел од редовните воени активности на Северна Кореја и дека немаат „никаква врска со околната ситуација“.
Резолуциите на ОН и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички ракети со кој било дострел, од кои некои се способни да носат нуклеарна боева глава.
Пробите на крстосувачките ракети не подлежат на санкции против Пјонгјанг. Меѓутоа, таквото оружје може да се користи и за испорака на нуклеарни боеви глави.
САД и Јужна Кореја ја зајакнаа својата воена соработка, вклучително и заедничките маневри, како одговор на повеќекратните ракетни тестирања на Пјонгјанг со нуклеарни капацитети во изминатите две години.
Г. Т.