Ќе успееме ли за помалку од четири години да направиме Скопје да блесне во сиот свој сјај и да го претставиме во најдобриот културен центар досега, како би можеле пред светот да се гордееме со титулата „Европска престолнина на културата“ во 2028?
Горан Костовски – Индог, илустратор, радиоводител и диџеј за Скопје „Европска престолнина на културата“ 2028, во изјава за Фронтлајн вели: Се надевам дека во овој проект ќе се вклучат луѓе коишто знаат што значи култура!
„Мислам дека Скопје 2028 е одличен проект, пред сѐ, затоа што Скопје е градот на солидарноста. Скопје отсекогаш нудел љубов за сите луѓе. Пред се, културата треба да дојде во преден план. Јас како човек којшто целиот живот работи несубвенционирана култура, и тоа како ме интересира како градот ќе се осврне на алтернативната сцена, на сцената којашто немала никогаш доволно фокус и финансии за да се создава нешто, а сепак, таа сцена е тука присутна, постои, има концерти во гаражи, има изложби, има поткасти, видеа, фотографии… Се надевам дека некој ќе го препознае сето тоа и ќе му даде шанса. Исто така, се надевам дека ќе го искористиме малку јавниот простор што ни е оставен, да го претвориме во простор за уметност, создавање, за креација. Секако, се надевам дека ќе се обрне внимание на прекрасните објетки како Домот на АРМ, Градскиот трговски центар, како музеите коишто се прекрасни и во архитектонска, но и во програмска смисла, бидејќи секогаш имаат што да понудат, и се надевам дека конечно ќе успееме да имаме за малку барем подобра велоструктура и јавен градски превоз. Секако, канти на улиците, но и фонтани. Бидејќи, ако очекуваме целиот свет да дојде кај нас, очекувам дека ќе го средиме сето тоа. Секако, се надевам дека во овој проект ќе се вклучат паметни луѓе коишто знаат што значи култура, знаат колку е битна, знаат што значи да се работи култура и ваков проект од огромна важност. Се надевам дека и целиот свет ќе биде присутен тој период во Скопје и пак ќе повторам, Скопје е градот на солидарнноста и во Скопје секогаш имало фантастична култура. Овој град заслужува многу повеќе од тоа што сме го имале, а не дека сме имале малку. Едноставно, само треба да имаме повеќе буџет и повеќе да се даваат шанси на луѓе, и на млади, и на возрасни, и на сите коишто сакаат да создаваат. Очекувам и отвореност од целата екипа којашто ќе го работи овој проект, па ќе може да ги препознае вистинските уметници коишто создаваат на ова тло и во овој наш прекрасен град.“, изјави Костовски.
Текстот е дел од 13 изјави на уметници и културни работници собрани во „ризницата“ на темата со наслов: За Скопје „Европска престолнина на културата“ 2028 – Од улична некултура, до културна метропола.
Поврзано:
За Скопје „Европска престолнина на културата“ 2028 – Од улична некултура, до културна метропола