Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Малата македонска колонија во Аргентина и нашите пријатели од домашното население, се радуваме како деца на неверојатниот феномен: процутот на животот во Македонија само три-четири денови по смената на власта.
Јапонската амбасадорка во Буенос Аирес ми вели: Тричковски, ако вака бргу се развивате, за сто дена ќе бидете како Осака кога цветаат црешите.
А јас и постарите иселеници се топиме.
Како свеќи на погреб.
Хулио Мицески дури се понадева дека вмро ќе создаде услови еден ден сите да се вратиме на нашите вековни огништа.
И коските да ги оставиме во Татковината.
Тие добри вести ме вратија на уште една анализа на причините за овој драматичен пресврт.
Проектната форма на гневот (која во полициски жаргон би ја нарекле земање на правдата во свои раце или бандитизам, а во политичкиот жаргон – анархизам или романтизам на насилството) може да се изгради во банковна форма.
Да се формира банка на гневот.
Со тоа го означуваме прераснувањето на локалните ресурси на бесот и дисперзираните проекти на омразата во сеопфатна инстанца чија задача, како и задачата на секоја вистинска банка, е да биде собиралиште на вложувањата и агенција за искористување на вложувањата. Тој премин нужно уште еднаш ја афицира темпоралната структура на потенцијалите што се инвестирани во индивидуални проекти.
Како што одмаздата како проектна форма на гневот временски го продолжува гневот и му овозможува прагматично планирање, така и банковната форма на гневот бара индивидуалните одмазднички планови да се подредат на супериорната перспектива. Таа перспектива гордо го бара за себе името „историја“, се разбира, во еднина.
Со создавање на банката на гневот (сфатена како депо за морални експлозиви и одмазднички проекти) индивидуалните вектори доаѓаат под централната режија чии барања не се секогаш ускладени со ритмите на локалните актери и акции. Во случајот на индивидуалните донации на гневот, мразачот ги црпи сопствените залихи на гнев. На обичниот лут човек ништо не му гарантира неисцрпност на неговите извори. Сѐ додека енергијата на гневот не се трансформира во форма на проект, уште повеќе во партиска форма (вмро-дпмне), поединецот може низ сатисфакција или со оглед на исцрпеноста да го врати своето спокојство. Но сега подредувањето станува неизбежно: многубројните истории на одмаздата треба најпосле да се обединат во заедничка историја.
Тој премин означува трансформација од проектната во историската форма на гневот. Самата „историја“ ја добива формата на најамбициозниот потфат штом ќе се конституира колективот кој своите потенцијали на гневот – како и своите надежи и идеали – ги инвестира во заеднички долгорочни операции. Историската нарација ја презема тогаш задачата да ги објаснува делата и страдањата на меродавниот колектив на гневот. Нека да го кажеме тоа со истите зборови како познатите колеги од 1848 година: целокупната историја е историја на користењето на гневот.
Повеќе не е доволно „светот да се разубавува со стравотии“ – да се послужиме со саркастично – луцидните зборови кои ги изговара јунакот на Шилеровите Разбојници, Карл Мор за да ја окарактеризира максимата на својата побуна против неправдата. Кој во иднина сака да го разубави светот, мора во грозотијата на светот да оди многу подалеку отколку што можеше да сонува романтизмот на бунтовниците и атентаторите. Поединечните цветови на злото повеќе не се доволни – потребна е цела бавча.
Така работите ги објаснува Петер Слотердијк.
Банката на гневот во Македонија е, погодувате, вмро-дпмне.
Но, прашањето на кое не сретнав задоволителен одговор е следново: од каде беше тој и толкав бес кај Македонците кој ги натера сите гневови, пари и интереси заедно со историјата на своите фамилии и на целата нација, да ги инвестираат во една банка со таква коруптивна, насилничка, простачка и, јас тврдам, антимакедонска историја, каква што е вмро-дпмне.
Помали се рационалните мотиви за триумфот на вмро отколку за триумфот на косачите на трева на Аеродром кој ќе се случеше ако овие беа решиле да учествуваат на изборите со паролата дека ќе им ги ошишаат главите на сите Албанци.
Има ли некој еден единствен момент кој може да ја оправда ваквата доверба на Македонците и притоа да се задржи претпоставката дека тие се нормални?
Кај сдсм и коалицијата можат да се најдат повеќе причини за поразот на изборите, но ниту еден отсто од нив не може да ја објасни неговата шокантност.
При што најголемите успеси, како што беше преспанскиот договор, членството во нато, договорот со Бугарија, отстапките на Софија, преговарачката рамка и нешто што можеме да го означиме како почеток на преговорите, не само што не беа наградени, туку беа тековно деградирани и прогласени за национални предавства.
Јадица на која се улови целата нација од сомови и кленови.
Да не зборуваме за мирот и стабилноста, порастот на платите и пензиите, на инвестициите, меѓуетничката хармонија, добриот меѓународен пласман, кои, на ист начин како и претходните остварувања, беа прогласена за триумф на дуи и пораз на Македонците.
Освен тоа на изборите во 2016 година кога низ Македонија шпартаа истакнати политичари од Европа и од САД, предводени од Прибе и Бејли и се трудеа со сите сили да ја ослободат заробената држава, Македонците ги игнорираа снимките на таа заробеност и за нестварната пљачка, доказите за фолклоризирањето и исмејувањето на македонската нација, на нејзините институции и на образовниот сектор посебно и најмногу гласови и мандати (51 мислам) им дадоа на вмро, додека на алтернативата која требаше да ја ослободи заробената држава и да ги реализира интенциите на Шарената револуција-49.
И потоа побараа тие очекувања малцинската влада да ги остварат веднаш. Со тоа што сета поддршка ќе оди за блокадите и другите свињарии на опозицијата. Преку минските полиња од инсталации и страшното наследство на груевизмот од кое Македонија ќе се ослободува со децении ако пред тоа не умре. За што постојат големи шанси.
Во последните десетина избори ниту еднаш мнозинството не гласаше за европска и модерна македонија туку за комитската илузија.
Така што, драги мои, бесот за кој говори Слотердијк кај нас е набабрен како што рибите бабрат и растат во ненормални димензии кога во нивниот екосистем истекува радиоактивна вода од некоја атомска централа. Радиоактивноста за македонските риби дојде од медиумите кои на власта не им оставија ниту едно дупче за комуникација на своите политики. Сѐ беше под контрола на вмро. Седум години. Не знам зошто власта тоа не го смени или не се повлече. Пет пати посилна беше едностраначката контрола отколку за време на Груевски и сто пати повеќе отколку за време на Георгиевски. Мислам дека контролата беше посилна и пототалитарна отколку во Германија под Гебелс.
Така е произведен бесот и гневот. Како идеја и платформа не само за освојување на власта туку и за растурање на општеството. Резултатите од изборите се резултати на тоа растурање.
Во таква ситуација се ќе биде спротивно на прокламациите, особено во клучниот дел за ремакедонизирањето на Македонија и за ослободувањето од албанското ропство.
Тоа се невозможни мисии.
Не еднаш сум кажувал: национализмот е избор на најслабото оружје за Македонецот во судирот со околните национализми.
Само модерноста и прогонот на чувството на страв и фрустрација, формулацијата на супериорност која произлегува од модерноста, се единствениот излез.
Можно е, дури е сосема сигурно, дека моето пишување е полудо од мене. Но тоа не е поради недостиг на контрола- тоа е попрво доведување до крајни формални консеквенци на некои впечатоци кои во колумните се преувеличуваат, но во мене остануваат она што биле то ест само незначително отстапување на мечтата, некоја лесна „инклинација“.
Прикажувајќи ги ужасните споеви на нецензурирани дразби, извлекувајќи го на дневна светлина компромитирачкиот лиризам и уште повеќе епиката, сакам да ве скршнам од патот – тоа е каменот што го ставам врз шините на вашиот воз. Да ве извлечам од системот во кој се наоѓате за да ја доживеете повторно младоста и убавината, но да ги доживеете поинаку.
Морав ова да го украдам од Гомбрович и да го прилагодам, се разбира.