Претстојната влада на Христијан Мицкоски најверојатно ќе ја има албанската опозициска партија ВЛЕН за свој најголем коалициски партнер, но отворена е можноста и другите опозициски партии кои добија пратенички мандати на изборите на 8 мај да станат дел од неа. Христијан Мицкоски изјави дека очекува конституирањето на новиот парламентарен состав да се случи до 28 мај и потоа да го добие мандатот за формирање на новата влада.
Работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „ВЛЕН“ веќе започнаа консултации за формирање на новата влада. Утврдена е динамиката и методологијата на работата и се разговара за усогласување на програмата на идната влада.
Тимот на ВМРО-ДПМНЕ е на ниво на потпретседатели, односно преговорите ќе ги водат Александар Николовски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриевска Кочовска и Тимчо Муцунски. Додека тимот на албанската опозициска коалиција ВЛЕН ја сочинуваат Азир Алиу (Алијанса за Албанците), Висар Ганиу (Демократско движење), Аднан Азизи (Движење БЕСА) и Башким Муртези (Алтернатива).
Владин колач
Иако нивото на разговори сè уште не е достигнато до кадровски прашања и поделба на министерствата, од Коалицијата ВЛЕН велат дека целта не им е бројот на министерствата, туку реализација на сите програмски проекции низ сите министерства.
– Не знам, може да се случи да има едно или две министерства помалку од претходниот состав, но ќе повторам дека целта е да се реализираат сите цели и програми поврзани со тие министерства, изјави Валбон Лимани од коалицијата ВЛЕН.
Тој вели дека на преговарачката маса е и една од трите главни позиции во државата – онаа на претседателот на Собранието.
Во партиски кулоари се зборува дека ВЛЕН, покрај позицијата претседател на Собранието, ги таргетира и Министерството за образование, економија, култура, правда, без да ги исклучи Министерството за внатрешни работи и Министерството за политички Систем и односи меѓу заедниците за кои се шпекулира дека ќе ги води претседателот на Демократското движење, Изет Меџити.
Ако ВЛЕН влезе во Влада, ќе се изгуби ли смислата на учеството на избори на Албанците?
Од друга страна, Блерим Беџети, висок функционер на ДУИ и претставник на Европскиот фронт, изјави дека доколку ВЛЕН стане дел од новата влада, тогаш смислата на изборите ќе се изгуби за Албанците.
– Има барања од различни интелектуалци и граѓани кои изразија загриженост дека учеството на избори ја губи смислата, нормално дека ние ги претставуваме Албанците, рече Беџети.
Прашањата за кои прво се разговара на преговарачката маса меѓу ВМРО ДПМНЕ и ВЛЕН се евроинтеграции, владеењето на правото, борбата против корупцијата и здравството. Преговорите меѓу партиите почнаа минатата недела, со средба меѓу лидерите на ВЛЕН и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. По средбата кусо изјавија дека преговорите одат во добра насока. Но, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претходно изјави дека првично има намера да обезбеди мнозинство од 61 пратеник, алудирајќи на стекнување на пратеници од други партии. Потоа рече дека верува оти до крајот на јуни ќе биде формирана новата влада. Мицкоски не ја отфрли можноста на преговори да ја покани и партијата на Максим Димитриевски „ЗНАМ“.
Дестан Јонузи