Меѓународните договори мора да се спроведуваат, а не да се условуваат со нови рокови – секогаш кога ќе се промени власта. Уставните измени се обврска од ЕУ кон Северна Македонија, затоа мора да бидат одобрени што е можно поскоро, велат познавачите на политичките збиднувања во земјава.
– Договорите мора да се спроведуваат и да нема рокови или други услови. Секогаш кога се менуваат владите, не значи дека мора да се менуваат договорите, особено во конкретниот случај, уставните измени кои се суштина за непреченото патување на земјата кон ЕУ. Проблемот не е промената на овој договор туку промената на позициите на ВМРО-ДПМНЕ и на претстојната влада. Толку многу се спротивставија што на ВМРО-ДПМНЕ и е тешко да преземе понатамошни чекори, која е апсолутен победник на овие избори врз основа на противењето на уставните измени. Колку повеќе ќе се пролонгира овој процес, толку повеќе ќе се создава нова политичка криза бидејќи партиите на Албанците кои ќе владеат заедно со ВМРО-ДПМНЕ нема да бидат подготвени да ги одложат уставните измени, изјави за „Фронтлајн“, Урим Салиу – политички аналитичар.
Долгогодишниот новинар Ацо Кабранов вели дека не е зачуден од двоецот Мицкоски Силјановска, двајцата, како што вели, се сезнајковци и кавгаџии но мора да признаеме половина милион гласачи им дадоа крилја.
– Дека ќе го направат тоа, што поготово Сиљановска како професор по право знае дека во кампањата во лов по гласови ветуваа и таа и Миковски, ветуваа работи кои знаат дека не можат да ги променат како што е меѓународниот договор Преспа со кој беше сменето уставното име односно на Република Македонија беше додадена географската одредница Северна како услов Грција да не ни пречи во евроатланските интеграции… Ова што претседателката на заклетвата и Мицковски вчера пркосат на договорот Преспа мислам дека е мал театар на патриоти, реков – понесени од импозантната бројка гласачи што гласаа за нив на изборите. Не беше случајно и на Силјановска на инаугурацијата и на Мицковски вчера јуначењето дека тие ќе си ја викаат државата Македонија и нема да го употребуваат уставното име Севрна Македонија туку тоа било само за институциите и коресподенцијата меѓу нив. А тие што се? Зарем функција Претседател на државата и Премиер на државата не се институции, вели нашиот соговорник.
Според него, нова преговарачка рамка за спорот кој го наметна Бугарија колку и да е апсурден, ни е услов да се тргне ветото од нив и да ги почнеме преговорите.
– Мислам дека на Мицкоски изговор му е дека ќе пробале наново да преговараат со Бугарија, но чинам дека всушност му е небитно тој си ги има Орбан и Вучиќ како другарчиња и баш и не му пречи што сме закочени во преговорите со ЕУ. Мантрата да се усвоела нашминкана сегашнава рамка да сме ја усвоеле кога ЕУ конечно ќе не прими е супер, но тие знаат дека тоа е невозможно и затоа го предлагаат колку да се рече дека и тие сакаат ЕУ, ама не под, како вика Мицковски – бугарски диктат, вели тој.
Гледам, додава Кабранов, дека ова нивно жонглирање со преговарачката рамка и одложено усвојување полека срамежливо почнаа да го прават и потенцијалните партнери во новата влада – албанските партии од Влен особено челниците и нивниот категоричен услов – усвојување на рамката па после заедничка влада, полека но сигурно веќе не е услов.
– Сиромашките од Влен да не се предомисли Мицковски и да нè не ги земе во влада лесно ќе преголаат оти без учество во новата влада мислам таа коалиција ќе се распадне и ќе нема ништо од нивните секојдневни изјави дека ќе го развластат Ахмети и како што ги нарекуваат криминалците од ДУИ, подвлече соговорникот.
Соединетите Американски Држави (САД) охрабруваат продолжување на дијалогот меѓу Скопје и Софија, изјавија од Стејт департментот, откако новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова го употреби името Македонија без додавката „северна“ кога даде свечена заклетва во Собранието.
„Го охрабруваме продолжувањето на дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија, во рамките на заедничките заложби за идното полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ“, велат од Стејт департментот.
Според познавачите на политичките збиднувања во државата новата Влада предводена од ВМРО ДПМНЕ – по преземањето на должноста ќе почека да се формира влада во Бугарија, каде во јуни ќе има парламентарни избори, и на крај да поминат изборите во Европскиот парламент, исто така закажани за јуни. Кога сето тоа ќе заврши да сумира како понатаму со уставните измени.
Од друга страна Белгиецот Питер Ванхојте, по „иницијатива на белгиското претседателство со ЕУ добил мандат да биде медијатор олеснувач на бугарско-македонскиот спор, т.е да спроведе проект со кој ќе се отвори патот за уставните измени и ќе се обезбедат гаранции дека на патот на Македонија до членство нема веќе да има сопки од Бугарија или нови проблеми“.
– Мојата главна цел ќе биде да се осигура дека процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ нема веќе да се блокира, најави Ванхојте.
Поранешните премиери на Северна Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, го потпишаа договорот за добрососедство во 2017 година.
Софија почна да ја блокира македонската европска интеграција во 2020 година, најпрво со инсистирање на теми поврзани со историјата и јазикот. Подоцна претседателот на Бугарија, Румен Радев почна се посилно да инсистира и на правата на македонските Бугари.
За надминување на спорот меѓу Македонија и Бугарија, ЕУ понуди таканаречен „француски предлог“.
Потоа, на 19 јули 2022, Северна Македонија формално ги почна преговорите за членство во Европската унија. Се одржа првата меѓувладина конференција, почна скринингот, но не беше отворено ниедно поглавје. Преговорите по поглавја ќе почнат кога во македонскиот Устав ќе бидат внесени и Бугарите, меѓу други заедници.
Иако почна собраниска седница за промена на Уставот, највисокиот правен акт досега не е сменет за да се внесат и Бугарите во него. За уставни измени треба да гласаат две третини од 120 пратеници.
Дестан Јонузи